ИЗРАЕЛСКА ДОНАЦИЈА ВО БИТОЛА

ИЗРАЕЛСКА ДОНАЦИЈА ВО БИТОЛА

По повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост и 4 декември – Ден на лицата со телесна инвалидност во Македонија, беше доделена израелска донација од медицински помагала. Донацијата се состои од пет инвалидски колички за деца наменети за здружението „Мобилност“, два мобилни ЕКГ апарати за ЈЗУ „Др. Хаим Абраванел“ и десет специјални седишта за Дневниот центар за деца со оштетен слух во Битола.

„И денес, како и вчера, имаме потврда што значи кога ќе имаме подадена рака како луѓе, едни кон други, што значи да се покаже хуманоста, добриот гест и дека навистина заедно можеме повеќе. Во изминатава година откако сум јас градоначалник, забележителен е интензитетот на соработка на Општина Битола со државата Израел и покрај тоа што истото се случува и на меѓудржавничко ниво. Денешниот ден е токму потврда на тоа, взаемната спогодба на градење добри релации помеѓу двете страни и овозможување на вакви убави денови. Убедена сум дека и во следниот период овие релации ќе се продлабочуваат во позитивна насока на зближување на народите, а особено на Битола како град, кој што е од интерес на Еврејската заедница, но и на многу народи ширум светот“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Делегацијата од Израел ја предводеше неговата екселенција, амбасадорот на Израел во Република Македонија, Дан Оријан.

„По повод Денот на лицата со хендикеп, Израел како држава многу цврсто стои на мислењето дека ако можеш да им помогнеш на послабите си направил многу голема работа. Од почетокот на мојата дипломатска работа во Македонија, се обидувам да се поврзам со сите луѓе со посебни потреби и го правам она што Израел го прави на многу места во светот“, потенцираше израелскиот амбасадор Дан Оријан.

Трите институции кои денес ги примија донираните помагала, изразија благодарност до донаторите и нивната заложба за инклузија на лицата со посебни потреби и инвалидност.

„Голема чест и задоволство ни е што можеме да примиме една позитивна перцепција за нас не само од страна на странците, туку и од страна на локалната самопурава. Овде е присутен поголем број од нашите членови, а Израел ни доделува донација, преку која ќе ги ублажиме проблемите со кои се соочуваат лицата со инвалидност“, истакна претседателот на здружението „Мобилност“, Нико Јанков.

„Од минатата година Домот за народно здравје е преименуван во д-р Хаим Абраванел, по името на познатиот лекар во Битола со еврејско потекло. Во текот на оваа година имавме доста активности, а сега добиваме два ЕКГ апарати кои што имаат можност за надоградување и работа по најсовремените начини во медицината, односно телемедицината“, рече д-р Весна Спирковска.

Претходно, бројната израелска делегација предводена од амбасадорот Оријан, разговараше со градоначалничката Петровскаво нејзиниот кабинет за натамошните чекори во подготовка на настаните за одбележување на Маршот на живите на 10 март наредната година.