ИЗЛОЖБА НА ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА СПОРТСКИ КОМПЛЕКС И КОРИТОТО НА РЕКАТА ДРАГОР

ИЗЛОЖБА НА ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА СПОРТСКИ КОМПЛЕКС И КОРИТОТО НА РЕКАТА ДРАГОР

По објавувањето на конкурсот за Изработка на идејно решение за спортско-рекреативен центар во Битола, како и Изработка на идејно решение за регулирање на речен ток на река Драгор со каскадно смирување на токот и крајбрежни велосипедско-пешачки патеки со соодветни пропратни содржини, од месност Црн мост до западна граница на опфат на ГУП на град Битола, во Офицерскиот дом се изложени петте идејни решенија за спортскиот комплекс и едно идејно решение за ток на реката Драгор. На изложбата присуствуваа голем број граѓани заинтересирани лица за понудените решенија.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, истакна дека  овие идејни решенија понатаму ќе дадат поголеми опции и повеќе флексибилност за следните постапки за реализација на проектот.

„Почитувани, во Битола, најмалку 10 години се говори за нов спортски комплекс, кој треба да го издигне градот на уште повисоко спортско ниво. Но, досега, новиот спортски комплекс беше само нечија желба, замисла, или запишано ветување во програмите за кандидатура на одредени избори. И во нашата програма, изградбата на спортскиот комплекс претставува еден од капиталните проекти, но ние веќе направивме чекор кон негова реализација, со изборот на овие идејни решенија. Понудените идејни решенија, ќе го дадат патот на натамошна разработка на проектот. Пред целата јавност, ги ставаме на увид идејните решенија, преку кои во детали може да се видат предложените спортски комплекси, со цел транспарентно, да се избере најдоброто за нашиот град. Понатаму следуваат законските постапки за подготовка на техничка документација, за која општината веќе има предвидено средства во буџетот за 2023 година. Истовремено, ја повикувам Владата, да се вклучи директно во изградбата на овој спортски комплекс, да и помогне на Битола, покажувајќи на тој начин дека градот под Пелистер е високо на листата на приоритетите на Владата за развој на спортот во земјава, како докажан град со врвни спортски успеси“, рече градоначалникот Коњановски.

Целокупната документација според конкурсот, требаше да се изработи во склад со законската регулатива, а Идејниот конкурс ги содржеше сите потребни параметри, кои што треба да бидат исполнети, со цел во новиот комплекс, покрај останатите намени,  да може да се играат меѓународни ракометни натпревари по ЕХФ стандардите.

Согласно пропозициите во конкурсот, првонаграденото идејно решение на авторот Ѕвонко Ставревски доби 200 000 денари, второто 100 000 денари, а за третото 50 000,денари. За сите учесници на конкурсот кои доставиле комплетна документација изработена во согласност со конкурсните услови, следува надомест за учество во висина од 30. 000,денари.

Изложбата ќе биде отворена до 31.12.2022 година, во периодот од 11.00-18.00 часот.