Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес изврши увид на динамиката на два важни проекти од кои едниот се однесува на адаптација на простор за нова детска градинка во поранешниот Дом за доенчиња и мали деца, а другиот проект има за цел подобрување на патната инфраструктура во населбата Недопирливи во должина од над 2 километри.
И двата проекти се реализираат со зголемена динамика и имаат за цел подобрување на инфраструктурните услови и зголемување на згрижувачките капацитети за децата од претшколска возраст. Во детската градинка, се работи на водоводната, канализационата мрежа и електричната инсталација, по што ќе следува и соодветно уредување на просторот, кој ќе овозможи згрижување на 80 деца и намалување на долгите листи на чекање.
Проектот за реконструкција на улиците во населбата Недопирливи е во фаза на тампонирање, откако претходно се реализираа работните активности на водоводната и канализационата мрежа, за што од општинскиот буџет беа обезбедени 37.000.000 денари. За реконструкција на коловозот од Светска банка обезбедени се 28.725.287 денари.
И двата проекти, комплетно ќе бидат завршени оваа градежна сезона.