За два дена започнува единаесетото издание на најдолгото и најсодржајно културно лето во Република Македонија – БИТ ФЕСТ 2017. Согледувајќи ги досегашните високи резултати на Битола Шекспир фестивалот, оваа година БИТ ФЕСТ ќе го отвори токму Шекспир фестивалот, односно со музичко – сценскиот перформанс „Шекспир колаж“.
„Пристигнаа 240 апликации на објавениот конкурс и од пристигнатите апликации избрани се 232 настани во повеќе области: ликовна уметност, музика, театар итн. Концептот останува ист. Цениме дека е многу значајно БИТ ФЕСТ да продолжи – онака како што беше замислен. Имаме гости од повеќе од 14 земји, меѓу кои од Чешка, САД, Ирска, Турција, Бугарија, Германија, Србија, Хрватска, Израел, Чиле, Грција, Словенија и други. Правото на измени и дополнувања на програмата, како организатори го задржуваме, зависно од тоа што во одреден период на реализација може да се појави како атрактивно гостување во регионот“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.
Со оглед на тоа што дел од програмата се и традиционалните фестивали: Илинденски денови, Битола Шекспир фестивалот, интернационалниот музички фестивал Тра ла ла, фестивалот Битолино и уште многу други кои во себе вклучуваат повеќедневна програма, вкупниот број настани на БИТ ФЕСТ 2017 надминува 250 настани. Меѓу сите други настани, предвиден е и мјузиклот „Тајно моја“, Рок симфонија на битолскиот камерен оркестар со гостување на Влатко Стефановски и многу содржини до затворањето на фестивалот со традиционалниот настан „Широк сокак во бело“. Битолското културно лето оваа година е во знакот на одбележувањето на 1000 години од името Битола. Програмата за БИТ ФЕСТ 2017 година е објавена на веб страницата на Општина Битола, а поради флексибилноста на програмата, преку креирање на седмични програми, граѓаните ќе бидат информирани за сите настани и програмски измени.