Адаптација на Офицерски дом Битола, Општина Битола, е тендерската постапка, која од вчера е објавена на страната на Единицата за спроведување на проектот „Проект за локална и регионална конкурентност“.
Поканата за доставување на запечатени понуди од прифатливи понудувачи за Адаптација на Офицерски Дом – Битола, општина Битола е во рамките на потпроектот: „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерното уредување – Битола “. Станува збор за проект кој го изработи Општина Битола и за кој општината доби подгрант средства од Европската унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“ финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската унија (aдминистриран од Светска банка). За реализација на целиот проект, општината учествува и со средства од сопствениот буџет.
Процесот на понудување за оваа постапка ќе се спроведе согласно методот “Национално јавно наддавање” согласно Упатството на Светска банка и е отворен за сите прифатливи понудувачи како што е наведено во Упатствата за набавки. Заинтересираните прифатливи понудувачи можат да добијат дополнителни информации од Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност во текот на работното време од 09:00 до 16:00 часот. Понудите ќе бидат јавно отворени во присуство на назначени претставници на понудувачите и сите што ќе изберат да присуствуваат на 19.07.2019 во 11:00 часот. Сите понуди мора да бидат придружени со Гаранција за понуда во износ од МКД 1.500.000.
Исто така, на истата веб страна за потребите на споменатиот потпроект кој се однесува на адаптирање и реставрирање на Офицерски дом, на 10 јуни, објавено е и барање за изразување на интерес за надзор на градежни работи за згради прогласени како културно наследство во 4 општини.
За сите понудувачи, покрај исполнувањето на останатите критериуми, наведени во постапките, особено важно е во целост да ги имплементираат двата планови: планот за заштита на културното наследство и планот за заштита на животната средина. Во спротивно, секое отстапување од нив ќе биде на штета на изведувачот.
Повеќе информации можете да добиете на следниот линк http://www.bitola.gov.mk/lrcp/ со следење на линковите кои водат до страната на проектот за локална и регионална конкурентност, а се однесуваат на адаптација и реставрација на Офицерскиот дом во Битола.