ЗАПОЧНА 40-ТОТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

ЗАПОЧНА 40-ТОТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

Со свеченото отворање, синоќа во Битола започна јубилејното 40-то издание на Интернационаниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Во Центарот за култура, во присуство на претседателот Стево Пендаровски, кој е и покровител на фестивалот, министри, дипломати, претставници од јавниот и политичкиот живот, со кратка видео соджина, беше испратена пораката на браќата Манаки-„Едно кадро за мене, едно за историјата“. Топло добредојде на гостите им посака градоначалнчката на Општина Битола м-р Наташа Петровска.

„Еден сон пред 40 години ни го донесе ова јаве, јаве кое покажа дека невозможното е само прашање на перцепција, дека и височините на облаците не се недопирливи. Сите радости, таги, страсти, трепети уловени во објективот на камерата ја распарчуваат четвртата димензија. Токму затоа 40 години јубилеј на фестивалот „Браќа Манаки“ е посебна гордост за градот“ рече градоначалничката Петровска.

На отворањето се обрати и министерот за култура Хусни Исмали, кој посебно изрази задоволство што ја дели сцената со светските великани на филмот и со македонските доајени.

Фестивалот го отвори претседателот Стево Пендаровски кој воедно и му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман, годинешен лауреат со две номинации за „Оскар“.

„Филмската уметност е ангажирана уметност која, меѓу другото, зборува и за совеста на општеството. За мене и за многумина, филмските уметници се контракултурните херои кои на филмското платно адресираат дел од најгорливите прашања на нашето време-социјалната неправда, човечкото достоинство, бегалците, дискриминацијата, екологијата.Доволно е да ја прелистаме програмата за да видиме дека огромен број од филмовите се посветени на доминантните теми во светот и кај нас“ посочи Пендаровски.

Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов му ја врачи наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на композиторот Љупчо Константинов.

На свеченото отворање беше прикажан филмот „Болка и слава“, со Антонио Бандерас во главната улога, во режија на Педро Алмодовар, а на свеченото отворање присуствуваше и кинематограферот на филмот Хозе Луис Алкаине.