ЗАПОЧНА 27 ИЗДАНИЕ НА „ИНТЕРФЕСТ“ БИТОЛА

ЗАПОЧНА 27 ИЗДАНИЕ НА „ИНТЕРФЕСТ“ БИТОЛА

Синоќа во големата сала на Центарот за култура во Битола, со настап на виолинистката Ајман Мусакаџајева од Казакстан и Македонската филхармонија, се отвори дваесет и седмото издание на Интернационалниот фестивал на класична музика “Интерфест 2018“. На свеченото обраќање, градоначалничката Наташа Петровска истакна дека во следните 11 дена Битола ќе биде град домаќин на врвни музички имиња од светот на класичната музика.

„По 27 пат на Битола и се случува фестивалот на класична музика „Интерфест“, на кој и годинава публиката ќе ужива во музиката на големи светски имиња. Оплеменувањето со класична музика е повеќе од неопходно во ова време во кое што сега живееме. Затоа, ова е време во кое политиката останува на страна, за да се ужива во музиката“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Директорката на фестивалот Милица Шперовиќ Рибарски ја претстави годинешната програма и учесниците на фестивалот.

„На „Интерфест“ годинава во единаесетте фестивалски вечери ќе настапат реномирани уметници од 10 земји: Полска, Казахстан, Шпанија, Италија, Русија, Македонија, Украина, Германија, САД, Романија. На програмата, покрај  концертите, ќе се одржи и ликовна изложба на академскиот графичар Паоло Чампини од Италија и претстава на нашите редовни соработници, Народниот театар Битола“, истакна директорката Шперовиќ Рибарски.

Под дирегентската палка на Борјан Цанев, синоќа беше изведен концертот за виолина и оркестар во d-moll од Арам Хачатуријан, а како солист на виолина настапи Ајман Мусакаџијева од Казахстан, која на својата Страдивариева виолина приреди вистински музички спектакл, награден од публиката со голем аплауз и дополнителен настап. Во вториот дел од концертот, Македонската филхармонија ја изведе Фантастичната симфонија од Хектор Берлиоз.