ЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ВЕЛОСИПЕДСКИТЕ ПАТЕКИ ВО БИТОЛА

ЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ВЕЛОСИПЕДСКИТЕ ПАТЕКИ ВО БИТОЛА

Во должина од над 5 километри, започна изградбата на велосипедските патеки во Битола. Работните активности се одвиваат на ул. „Васко Карангелевски“, а вело патеката ќе биде на потегот од Педагошки факултет до кружниот тек кај Веро,  во должина од 800 метри. За овој потег, одвоените средства од буџетот на општина Битола ќе бидат околу 72.000 евра. 

Вело патеки ќе има и од левата и десната страна на ул. „Партизанска“, во должина од над 4,5 километри. Вредноста на вело патеките од двете страни на ул. „Партизанска“ е околу 425.000 евра.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски и советникот Бојан Бојковски, денес извршија теренски увид во градежните активности на терен и се запознаа со динамиката на работа.

Изведувачот на терен, фирмата „Јоска Транс“ за реализација на велосипедските патеки има 120 работни дена, а вело патеките ќе бидат изградени на веќе постоечките тротоарни места.

По бројни долгогодишни барања на граѓаните за вело инфраструктура во Битола, општината одлучи со сопствени средства да го реализира овој проект, откако претходно во Советот не беше поддржан проектот за изградба велосипедски патеки, со средства од ЕУ, во рамките на проектот „Smart4You2“.