ЗАПОЧНАА РАБОТИЛНИЦИТЕ ДЕЛ ОД КАМПАЊАТА „КРЕНИ ГЛАС ПРОТИВ ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО“

ЗАПОЧНАА РАБОТИЛНИЦИТЕ ДЕЛ ОД КАМПАЊАТА „КРЕНИ ГЛАС ПРОТИВ ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО“

Денес, во Кино Манаки во Битола, започнаа работилниците кои се дел од општествено одговорната кампања на „Макпетрол“, која се реализира во партнерство со Општина Битола, а носи наслов „Крени глас против врсничко насилство“. Во денешната работилница беа вклучени дел од учениците од 12 основни училишта од општината, кои заедно со стручните служби од училиштата, стекнатите знаења треба да ги споделат со своите соученици. Целта на работилниците е да се спречи булингот како aгресивно однесување преку кое некој намерно и континуирано предизвикува психичкa, физичка или социјална штета на друго лице. Во процесот на градење на личноста, учениците учат како да припаѓаат на светот и го бараат своето место во групата на врсници, а наставниците имаат можност да направат промена, додека училиштата имаат одговорност да постапат правилно доколку забележат булинг.

„Покрај важните училишни задачи, овие ученици минуваат низ бурен развој и го осознаваат животот. Адолесцентите поминуваат низ различни искуства и имаат различни потреби. Тоа може да биде период од животот кој е многу позитивен и забавен, но исто така е период кој може да биде предизвикувачки и оптоварен со стрес.

Адолесцентите се на пат да станат возрасни во општеството. Сликата за себе која ја градат во овој период ќе остане нивно обележје и понатаму во животот. При крај на адолесценцијата тие ќе го дефинираат својот идентитет и интегритет, затоа, ова е значајна можност да се изградат себеси како вреднувани, сакани, значајни и успешни личности. Во потрага по идеалната верзија за себе, тие ќе експериментираат. Ќе ги користат сите свои ресурси за да се пронајдат во социјалната средина.

Некои од нив ќе се промовираат преку труд и училишен успех, преку спорт, преку уметност, а некои пак преку надмоќ врз други врсници. Одредувањето забрани и казни нема да покаже голема ефикасност, а можно е дури и да ја подгрее ситуацијата.

На адолесцентот му е потребно запознавање на неговите јаки страни кои се општествено прифатени и вреднувани. Препораката е на секој ученик да му се помогне да открие за што е надарен, кои се неговите вредности и да пронајде прифатлив начин како нив да ги пројави“, нагласуваат организаторите на кампањата.

На денешната работилница, низ бура на идеи, учениците разговараа за другарството и соработката, но и за насилството и начините на кои може да се спречи појавата на конфликтите. Ваквите работилници се насочени кон директно вклучување на младите во процесот на спречување на физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството, а материјалите кои се користат во процесот на едукација, достапни се на веб страната на кампањата kreniglas.mk.