ЗАПОЧНАА АКТИВНОСТИТЕ ЗА КОМПЛЕТНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦАТА „ЗБОРСКА“

ЗАПОЧНАА АКТИВНОСТИТЕ ЗА КОМПЛЕТНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦАТА „ЗБОРСКА“

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со претставниците на општинската администрација, задолжени за реализација на проектот за комплетна реконструкција на улицата „Зборска“, денес извршија увид на почетокот на работните активности на терен. Реконструкцијата започнува со канализационата мрежа, а ќе продолжи со главната водоводна мрежа и коловозот. Градоначалникот Коњановски, информираше за проектот, кој го означува и почетокот на оваа градежна сезона во Битола:

„Со денешните активности започнуваме со реализација на тоа што го најавувавме, а за што минатата и почетокот на оваа година, вложивме големи напори со цел, колку што е можно со поголема подготвеност да ја започнеме новата градежна сезона. Благодарение на мојата голема соработка со општинската администрација и континуираната координација на активностите од страна на секретарот на општината, изготвени се проектни документации за над 40 улици во урбаниот и руралниот дел на општината, кои ќе се реконструираат оваа градежна сезона. Конкретно, денес започнуваме со работни активности за реконструкција на улицата „Зборска“, за која проектната документација се работеше во средината на минатата година, по што следуваше тендерска постапка за избор на изведувач, која исто така е завршена. Започнуваме со работните активности на КЈП Нискоградба за реконструкција на главната канализациона мрежа со нови 25 приклучоци, по што ќе следува реконструкција на главната водоводна мрежа со 26 нови приклучоци, а комплетната реконструкција ќе биде завршена со поставување нов коловоз со асфалтна површина од 1000 метри квадратни и уредување на тротоарите со бекатон плочки. На овој начин, како локална самоуправа, конечно го решаваме долгогодишниот проблем на жителите од ова улица, во делот на инфраструктурата“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Вкупната вредност на проектот за реконструкција на улицата „Зборска“, изнесува 6.569.281 денари, од кои 1.522.373 се планираните средства за водоводна мрежа, 1.671.833 за канализациона мрежа и 3.375.075 за коловоз.