Денес, се одржа завршниот настан на проектот „Локален волонтерски сервис Битола“, имплементиран од страна на Младински културен центар – Битола во партнерство со СФЕРА Интереншанал, во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Општина Битола. На настанот беше промовирана видео-сторијата изработена за време на проектот, а беа презентирани и проектните резултати. Градоначалникот на општина Битола, ги поздрави присутните, нагласувајќи ја заложбата на локалната самоуправа за поддршка на волонтерството:
„Посебно ме радува, што денес имаме можност да присуствуваме на претставувањето на резултатите од еден успешно спроведен проект кој пред се ја поттикнува солидарноста кај младите луѓе, а истовремено ги насочува кон нивно учество во подобрувањето на квалитетот на животот, учество во јавниот живот и создавање чувство на одговорност за решавање на проблемите што постојат во заедницата.
Општина Битола е една од најнапредните општини во земјата, во поглед на волонтерството, благодарение пред се на иницијативноста и вклученоста на граѓанскиот сектор, но и делувањето на Советот за волонтерство, кој претставува консултативно тело, препознато во заедницата и по наградата за волонтерство која секоја година се доделува на активни поединци, неформални волонтерски иницијативи, граѓански организации и институции.
Проектот „Локален волонтерски сервис“, е уште една потврда на нашата заедничка заложба за промоција на волонтирањето како важен граѓански чин, средство за борба со социјалната исклученост и за решавање на специфични проблеми во заедницата, особено на ранливите групи на граѓани, како и важен поттикнувач на испорака на јавни услуги со подобар квалитет.
Посебно за поздравување се и долгорочните резултати, каде преку неформалното образование активистите се стекнуваат со знаења, способности и особини за јакнење на активното учество во политичките и општествените процеси, иницијативност и одговорност во решавањето на определени општествени проблеми.
Голема благодарност до сите вклучени во проектот, а посебно до волонтерите, кои се наша значајна поддршка, во реализација на активностите и заложбите за промоција и поддршка на волонтерството“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им додели сертификати на волонтерите вклучени во проектот.