„ЕКО ОФАНЗИВА“ – НОВИ ПАРКОВИ И УРЕДУВАЊЕ НА ПОСТОЕЧКИТЕ

„ЕКО ОФАНЗИВА“ – НОВИ ПАРКОВИ И УРЕДУВАЊЕ НА ПОСТОЕЧКИТЕ

Со шест комплетно нови паркови и со дополнителна комунална опрема, хортикултурно уредување и поставување на нови детски реквизити во останатите паркови, започна првата фаза од проектот „Еко офанзива“. На овој начин на граѓаните им е овозможено во непосредна близина на нивните живеалишта, да имаат катчиња за рекреација, одмор и игра на децата.

„Ова е почеток на акцијата која годинава интензивно ќе се реализира, затоа што сиот узурпиран простор кој што го имавме во минатото, кој што беше нефункционален, оваа локална самоуправа е решена да го стави во поинаква функција, во функција на граѓаните. Шесте нови паркови се само почеток, а до крајот на годината ќе завршиме со поинаков изглед на опкружувањето на живеалиштата на нашите граѓани“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

На лице место, во новиот парк кај Клиничка болница, повеќе од евидентна беше радоста на случајните минувачи, децата, но и на лицата кои тука ги затекнавме. Една наша сограѓанка изрази посебна благодарност за оплеменувањето на овој простор, споредувајќи го со неговата претходна намена, кога во истиот беше узурпиран тротоарот и тревната површина, за паркирање на камиони кои продаваа лубеници.

„Редовно поминувам од овде и сум пресреќна што местото има нов лик, уреден, со играчки, клупи и осветлување. Порано, не само што не се поминуваше од камионите, туку тука се вршеше и нужда. Забележувам дека во градот и на други места има вакви паркчиња“, рече таа.

Јавното претпријатие „Комуналец“ е реализатор на проектот „Еко офанзива“. Директорот Панде Богоевски посочи дека активностите на терен се одвиваат на различни локации, на територијата на целата општина.

„Како јавно претпријатие извршивме санација на голем дел од постоечките детски паркови во градот, но истовремено се одвоија и нови локации за паркови. Вклучивме и нови содржини, меѓу кои 20-тина детски композиции, а се опремуваат парковите и во руралните средини, како што е паркот во селото Кравари. Тука беше се запуштено, а покрај уредувањето е поставена и нова детска композиција. Имаме соработка и со приватни компании, во случајов имаме донација на канделабри, со што паркот има прекрасен изглед и во вечерните часови. За реализацијата на оваа фаза од проектот се издвоени 3.000.000 денари“, рече Богоевски.

Проектот „Еко офанзива“ се изведува во рамките на  програмата за уредување и обезбедување на нови зелени површини на територијата на Општина Битола, како една од заложбите на градоначалничката Наташа Петровска. Градежната експанзија во општината, паралелно се надополнува и со соодветни зелени места и паркови.