Урбаната мобилност, како и управувањето со отпад и води, се главните области на форумот за градоначалниците од Западен Балкан кој се одржува во Прага, а на кој присуствуваат делегации од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, составени од амбасадори, министри од овие држави, како и претставници од избраните општини.
Од Македонија, на форумот присуствуваат претставници на НАЛАС, ЗЕЛС, општините Скопје, Струмица, Берово, Куманово, Тетово, Штип, а општина Битола ја претставуваат градоначалникот Тони Коњановски и секретарот на општината Борче Димитровски.
За време на форумските сесии се разговараше за економската соработка на Западен Балкан на полето на зелена и дигитална транзиција, беа претставени добри примери и локални стратегии за развој на паметни градови, а една од темите беа и иницијативи и проекти за поддршка на решенија за паметни градови во Западен Балкан.
Дел од реализираните активности изминатите два дена, беше и посетата на јавното претпријатие за транспорт во градот Храдец Кралове , како и фабриката за производство на автобуси со акцент на електричните автобуси и современата технологија.
Организатори на економскиот форум се Министерството за надворешни работи и Министерството за индустрија и трговија на Чешка, која во моментот претседателствува со ЕУ.