ДОНАЦИЈА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО КОВИД ЦЕНТАРОТ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО

ДОНАЦИЈА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО КОВИД ЦЕНТАРОТ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО

За дел од медицинските работници, веќе 14 месеци животниот циклус изгледа сосем поинаку, речиси незамисливо од она што претходно значеле нивните работни обрски. На првите борбени линии, соочени со непознатиот непријател КОВИД-19, за кој што и по речиси година и пол малку се знае, а постојано неговата мутација отвора нови предизвици, на денешниот 7 април, Светскиот ден на здравјето, токму нив треба да им се оддаде посебна почит.

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска по повод Светскиот ден на здравјето ја посети Клиничката болница во Битола, при што донираше 55 медицински униформи за лицата кои што работат во Ковид центарот во Битола и каде што во моментов се лекуваат 125 пациенти.

На средбата со директорката на Клиничката болница Билјана Гагачовска, разговараа за актуелната состојба во однос на сместувачкиот капацитет и расположливиот медицински кадар. Модуларните болници, кои се најголеми во државата, веќе ги сместуваат пациентите од регионот, но и од други градови од државата, кои за жал, стануваат секојдневно побројни.

Светскиот ден на здравјето е глобален ден за здравствената свест кој се одбележува секоја година на 7 април, под спонзорство на Светската здравствена организација, како и на други сродни организации.