ДОНАЦИЈА ВО ПРЕСРЕТ НА ДЕТСКАТА ТРКА МИНИ ТРЧАЈ БЕ

ДОНАЦИЈА ВО ПРЕСРЕТ НА ДЕТСКАТА ТРКА МИНИ ТРЧАЈ БЕ

Дворот на Општина Битола вчера беше локацијата во која се собраа настсвниците по физичко воспитување и директорите на основните училишта да ја примат донацијата која во пресрет на детското издание на трката МИНИ ТРЧАЈ БЕ ја обезбедија организаторите на познатата градска трка ТРЧАЈ БЕ и Атлетската федерација на Македонија. Ова е одличен гест од нивна страна за донирање на основна атлетска опрема на 12 основни училишта од Општина Битола и 3 основни училишта од Општина Могила.
Во периодот на кампањата за пријавување на трката, како поддршка за заедницата, организаторите на трката донираа и 50 стартни пакети на децата од социјално ранливите семејства, обезбедувајќи и тие деца да имаат можност да учествуваат и да уживаат во трката.
Оваа донација е искрена поддршка за децата, но и за едукаторите за нивната посветеност на негувањето на младите атлетски таленти. Никола Димитровски, претставник на ТРЧАЈ БЕ, Димитар Петровски, секретарот на Атлетската федерација на Македонија и градоначалникот Др. Тони Коњановски беа присутни заедно со поканетите гости, да го прослават овој значаен придонес за заедницата.
„Среќни сме што ги поддржуваме нашите училишта и им ги обезбедуваме потребните алатки за поттикнување физичка активност и здрав живот.
Битола е град на атлетиката, имаме славна историја на АК Олимп, која беше заборавена, а со стартот на ТРЧАЈ БЕ пред 6 години го возобновивме клубот во кој денес членуваат деца кои не се враќаат од натпревар без освоен пиедестал, со што сјајот на атлетиката на Битола е целосно вратен. Детското издание на ТРЧАЈ БЕ е повеќе од обична трка, тоа е празник за децата и прослава на иднината на нашите млади спортисти“ – истакна Никола Димитровски организатор на ТРЧАЈ БЕ.
Димитар Петровски, секретар на Атлетската федерација на Македонија пред присутните истакна:
„Оваа заедничка иницијатива на АФМ и Трчај бе е доказ за нашата посветеност да негуваме млади таленти и да ја промовираме атлетиката низ сите заедници. Горди сме што стоиме со Општина Битола во овој потфат, а се израдувавме и на интересот на трите училишта за негување на овој спорт од Општина Могила. Ателската федерација на Македонија негува посебна програма за најмалдите и ова е само уште еден доказ за нашата посветеност”.
Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски ги поздрави присутните и се заблагодари за иницијативата:
„Денешниот настан е светол пример за тоа како соработката и духот на заедницата можат да направат вистинска разлика. Горд сум на нашата општина што го поддржува здравјето и спортскиот развој на нашите деца. Со нетрпение очекуваме да ја видиме радоста и возбудата на лицата на нашите млади учесници оваа недела“
Во недела, на 9 јуни од 11.00 часот да ги бодриме нашите млади тркачи и да славиме поздрава, поактивна иднина за нашата заедница!