На Свечената Академија која се одржа во Народниот театар во Битола, беа доделени наградите „4-ти Ноември“ по повод Денот на ослободувањето на Битола.
Претседателот на Советот на Општина Битола, кој воедно беше и претседател на Управниот одбор на Фондот за наградата „4-ти Ноември” ги соопшти добитниците на седумте едногодишни награди и добитникот на наградата за животно дело.
Наградите на добитниците им ги додели градоначалничката Наташа Петровска.
Наградата за животно дело годинава ја доби Благој Стефановски. Стефановски е роден 1953 година во Битола. Дипломира во 1975 година на Факултет за Драмски Уметности – Скопје, а од 1975 година работи како актер во Народниот Театар Битола. Од 1980-2002 работи како актер и директор на Народниот Театар во Битола. Во негово време театарот ги бележи своите најголеми успеси и ги добива најпрестижните национални и меѓународни награди. Од 1994 – 1998 беше пратеник во Собранието на Република Северна Македонија и претседател на Комисијата за култура, додека од 2002-2006 ја извршува функцијата Министер за Култура во Владата на Република Северна Македонија. Моментално ги извршува функциите почесен претседател на Мал Драмски Театар – Битола, Селектор на Фестивалот „Ристо Шишков“ – Струмица и претседател на Управниот Одбор на Народниот Театар Битола.
Покрај наградата за животно дело, годинава беа доделени и седум едногодишни признанија.
Васко Михалчев – пилот во Дирекцијата за заштита и спасување, доби признание за значаен придонес со своето учество во гаснење на повеќе од 90 настанати пожари, од кои само во еден месец имало повеќе од 45 пожари.Михалчев рече дека добиените парични средства ќе ги донира.
Педагогот Ѓорѓи Лазаревски ја доби 4 – то ноемвриската награда за остварувањата и неговата активност во полето на литературата во изминатата година, посебно за неговите издадени две книги „Педагошко-психолошка служба во Битола и битолско (1973-2018)“ и „Шепотот на пелагониските села“.
Д-р Јасмина Буневска Талевска, доби награда за нејзините признанија добиени на европско ниво во изминатиот период како резултат на вложениот труд, работа и ентузаијазам на полето на подигнувањето на сообраќајната безбедност, култура и мобилност.
Печатницата Киро Дандаро – го доби признанието како успешна компанија која не само во Битола, туку и на европско тло опстојува како бренд повеќе од 70 години.
Психологот м-р Марија Младеновска Димитровска ја доби 4 – то ноемвриската награда за нејзините достигнувања во областа на психологијата и успешното претставување на Општина Битола и Македонија на 16-тиот Европски конгрес за психологија каде го изложи својот истражувачки труд на Московскиот Државен Универзитет Ломоносов.
Хуманистката Марија Росенгрен, доби 4 то ноемвриска награда за остварувања од областа на хуманоста. Има направено повеќе хуманитарни дела, меѓу кои и донации во училиштето Ѓорѓи Сугарев, во Заводот „Кочо Рациб“, во битолската болница и други.
Градинката „Мајски цвет“ го доби признанието заради достигнување во областа на социјалната заштита, организирање повеќе обуки, работилници, како и ментор на студентите од прва година на Педагошкиот факултет во Битола.
Во име на сите наградени се заблагодари д-р Јасмина Буневска Талевска.
Годинава за првпат, Градоначалничката Наташа Петровска, воведе нови награди и за петмина ученици од основните и средните училишта во градот, кои со своите наставни или спортски активности, постигнуваат високи резултати, а со тоа придонесуваат за промоција на Битола. Парични награди од по 5000 денари им се доделени на ученичката од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Мила Ивановска за покажан успех по математика, Наде Смилевска од четврто одделение од ОУ „Св.Кирил и Методиј“за покажан успех во шах, ученичката од Нижото музичко училиште Софија Михајловска која свири пијано, како и Андреа Велјановска од Средното медицинско училиште која е градски првак во куглање. Антонио Дамјановски од ОУ „Свети Климент Охридски“ е награден за постигнати успеси во мото крос.
Свеченоста по повод 4 ти Ноември беше збогатена со културно уметничка програма.
Свеченоста ја збогати групата „Фонтана“ во проширен состав и со специјално подготвена програма за оваа вечер, со звуците на чалгијата карактеристична за Битола во минатото, но многу актуелна и денес.