Во организација на Државниот архив на Македонија – Одделение Битола, во Офицерскиот дом, се одржа завршен настан со кој се заокружи проектот: „Времето застанува: Зачувување на фотографското наследство на браќата Манаки“ (Time stands still: preserving the Manaki brothers photographic legacy).
Во рамките на овој проект, поддржан од Британската библиотека и фондацијата Аркадија, во изминатите две години тим од 10 архивисти од битолскиот архив успешно работеше на дигитализација на фотографското творештво на браќата Манаки, кое се чува во битолскиот архив. Проектот имаше неколку важни цели кои успешно се исполнија. Целосната дигитализација на средениот и обработен материјал од фондот на браќата Манаки значи и заштита на оригиналниот материјал, тргнувајќи од фактот што овој фонд е најистражуван, а честото манипулирање со оригиналите значеше и нивно дополнително оштетување.
Преку изработката на електронска верзија, дополнето со фактот што по дигитализацијата целокупниот материјал беше препакуван во РН неутрални обвивки и сместен во метални ормари и фиокари, фондот има многу подобра заштита од претходно во депото на битолскиот архив.
Проектот произведе и стручни и професионални кадри, кои пребродувајќи ги предизвиците за заштита и дигитализација на вака значаен и разновиден материјал стекнаа искуства со кои во иднина ќе можат успешно да реализираат уште вакви работни задачи. Битолскиот архив стана опремен со професионална опрема за дигитализација на архивски материјал.
Присутните на настанот ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заблагодарувајќи им се на ангажираноста на директорот и вработените во битолскиот архив и нагласувајќи дека, покрај заштитата на архивскиот материјал, меѓу најважните цели е тоа што дигиталните копии од скенираниот архивски материјал ќе станат достапни на платформата на Британската библиотека, со што се исполнува желбата на Милтон материјалот да биде достапен за јавноста, со што Битола, добива уште една, дополнителна можност за културно – туристичка промоција во светот.
На настанот беше отворена и изложба од дел од опусот на браќата Манаки, односно принтови од дигитализираниот материјал.