ДЕСЕТ ПОБЕДНИЦИ НА ЛИТЕРАТУРНИОТ НАТПРЕВАР

ДЕСЕТ ПОБЕДНИЦИ НА ЛИТЕРАТУРНИОТ НАТПРЕВАР

„Си било еднаш едно дрво“

Натпревар во сеќавање на Холокаустот и во чест на авторот кој не ги заборавил своите еврејски сограѓани- Владимир Костов

На 25 Август 2015г, во пацио на НУ Завод и Музеј Битола се одржа завршната манифестација на литературниот натпревар за млади писатели „Си било еднаш едно дрво“.

Од овој натпревар произлегоа 10 победници, иако според пропозициите имаше само 9  млади автори кои беа избрани. Десеттиот победник е еминентниот битолски писател Владимир Костов, чијшто детски расказ „Еврејчето Шами“ (објавен 2007г. во истоимената книга раскази) беше појдовната точка од која започна натпреварот.

Во неговите момчешки сеќавања се сеуште живи боите, мирисите, звуците… формите и ликовите на Битола која на 11 март 1943 година доживеа истребување на една од неjзините витални заедници. 3342 жители на овој град, тој ден беа втерани во 30 вагони на смртта на нашата железничка станица и упатени кон логорите во Треблинка. 50% од нив беа деца. Токму за судбината на едно такво еврејско дете ни зборува писателот во својот расказ „Еврејчето Шами“.

Младите литерати кои се инспирираа од оваа волшебна приказна и за своето дело беа вечерва наградени со пофалници и парични награди кои им ги додели БитФест 2015 се: Бојан Карапалевски, Емилија Мицевска, Леонида Лумбуровска, Анастасија Димоска, Викторија Петковска, Патриција Ѓоргиевска,  Благица Здравковска, Мартина Јовановска и Филип Димкоски.

Ете затоа, сите десет раскази ќе бидат публикувани во едно заедничко издание, кое потоа ќе биде преведено на еврејски јазик и промовирано во Израел во рамките на прославата на 20-годишницата на дипломатските односи Македонија – Израел.

Трите прво наградени млади литерати Леонида Лумбуровска (Битола,14г), Патриција Ѓоргиевска (Битола, 17г.) и Филип Димкоски (Прилеп,20г.) ќе патуваат во Израел како наши амбасадори на мирот и пријателството. Ова патување ќе се реализира под покровителство на Н.Е. Дан Оријан, амбасадор на Израел во Р.Македонија.

Иницијатор на овој натпревар  е Марија Герас Дочовска. Организатор е Здружението ОДЛИКИ од Битола, партнери-спонзори се Градоначалникот на Битола Владимир Талески, амбасадорот на Израел во Македонија Дан Оријан и претседателот на Регионалната стопанска комора, Мирко Велковски (Хемометал, Битола)

На завршната манифестација зедоа учество и илустраторот Александар Поповски, академскиот музичар Викторија Ѓорѓевиќ и проф. Сашо Поповски – џез гитара.
_ … _
Многу приказни започнуваат со зборовите „Си било еднаш…„ Ретки се оние кои се однесуваат на некое дрво. Во овој случај, тоа е едно дрво кое во својата имагинација го видел писателот Владимир Костов. И онаму каде што еминентниот македонски писател ја завршува приказната, 9-те млади автори ја започнуваат својата…

BF2015LiteraturenNatprevar_1 BF2015LiteraturenNatprevar_2 BF2015LiteraturenNatprevar_3 BF2015LiteraturenNatprevar_4 BF2015LiteraturenNatprevar_5 BF2015LiteraturenNatprevar_6 BF2015LiteraturenNatprevar_7 BF2015LiteraturenNatprevar_8