Краткотрајните врнежи од дожд успеаа само делумно да им помогнат на пожарникарите и останатите лица на теренот, кои се обидуваат да го стават под контрола пожарот кој започна во близина на Смолево, а за кратко време се прошири кон Стрежевскиот канал и кон селото Буково.
Комплетната екипа на ТППЕ Битола и натаму е на терен, заедно со екипите на Македонски шуми и Националниот парк Пелистер. На теренот се наоѓаат и голем број доброволци, кои даваат свој придонес во гаснењето на огнената стихија.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски е во постојан контакт со екипите на терен и со Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Веќе е договорено, доколку во раните утрински часови нема подобрување на состојбата, да биде испратена поддршка од воздух со канадери и ер трактори.