ГРАЃАНИТЕ КОИ НЕ ДОБИЛЕ РЕШЕНИЈА ЗА ДАНОК НА ИМОТ, ИСТИТЕ ДА ГИ ПОДИГНАТ ОД ОПШТИНАТА, А ТИЕ КОИ ИМААТ ПРОМЕНА ВО ИМОТОТ, СОГЛАСНО НОВАТА ЗАКОНСКА РЕГУЛАТИВА, ДА ДОСТАВАТ ДОКУМЕНТАЦИЈА ДО ОПШТИНАТА

ГРАЃАНИТЕ КОИ НЕ ДОБИЛЕ РЕШЕНИЈА ЗА ДАНОК НА ИМОТ, ИСТИТЕ ДА ГИ ПОДИГНАТ ОД ОПШТИНАТА, А ТИЕ КОИ ИМААТ ПРОМЕНА ВО ИМОТОТ, СОГЛАСНО НОВАТА ЗАКОНСКА РЕГУЛАТИВА, ДА ДОСТАВАТ ДОКУМЕНТАЦИЈА ДО ОПШТИНАТА

Општина Битола, ги известува сите даночни обврзници – правни и физички лица, кои од одредени причини не добиле задолжување со данок на имот на недвижност или решение за задолжување за комунална такса за фирма/назив и музика за календарската 2022 година, да се обратат во општината и истите да ги подигнат од шалтер број 1. Недоставените решенија се истакнати и на огласна табла во просториите на општината, а доставувањето на решенијата со повикување на даночните обврзници – јавна објава се смета за уредна достава.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, кој Собранието го усвои во јуни минатата година, направени се повеќе измени поради што граѓаните кои имаат промена во имотот кој го поседуваат, со цел ажурирање на податоците потребно е да ја достават потребната документација до општината.
Поради тоа, Општина Битола ги повикува даночните обврзници (правни и физички лица кај кои настанале промени во имотот), до 31 јануари 2023 година, да поднесат даночна пријава за утврдување на данок на имот за 2023 година за:
1.Имотот што го стекнува даночниот обврзник или почнува да го користи во текот на годината или ако по некоја друга основа настанува даночна обврска;
2.Имотот кај кој настанале промени во вредноста (доградба, надградба, довршување,проширување и сл.):
3.Имотот кај кој настанале промени во сопственоста ( осигурување и сл.) ;
4.Сите даночни обврзници ( правни и физички лица) кои поседуваат имот што се оданочува, а кои до 2022 година не поднеле пријава за утврдување на данок на имот.
Даночна пријава се поднесува до Општина Битола – Одделение за администрирање на приходи, најдоцна до 31 јануари 2023 година. За дополнителни информации, во врска со поднесувањето на даночната пријава, граѓаните може да се информираат на телефонскиот број 070303683 секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот.
Со новите законски измени, донесени на предлог на Владата, согласно член 6 став (5) Државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и физичките и правни лица кои нема да пријават дека не користат недвижен имот кој е во нивна сопственост, ќе платат данок по стапка пет пати повисока од пропишаните стапки во ставот (1) од овој член.
Согласно член 6 став (2) Стапките на данокот на имот можат да се утврдуваат според видот на имотот.
Согласно член 6 став (3) Стапката на данокот на имот за земјоделското земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемува три пати во однос на стапката од 0,10%.
Согласно член 6 став (4) Стапките на данокот на имот за другиот недвижен имот од член 2 , зградите-станбени згради или станови, деловни згради и деловни простории, административните згради и административните простории, згради и станови за одмор и рекреација и други градежни објекти, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив, а кои не се користат од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во член 6 став (1).
Согласно член 9 од Законот, Обврзникот на данокот на имот за едностанбен или повеќе станбен објект за домување и двор (земјиште) во кое живее има право на намалување на пресметаниот данок во висина од 50%.
За законските измени и обврските кои произлегуваат од истите, Општина Битола, јавноста ја извести и со директно цитирање на членовите од законот во решенијата за данок на имот кои се доставени на домашна адреса.