Воведување на родовиот аспект во локалните политики, родова еднаквост при буџетирањето, родово сензитивни политики во време на пандемија и ранливи категории се само дел од темите за кои се разговараше на денешната средба помеѓу градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и претставничките на UN WOMEN – Телото на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените. Родовата еднаквост е особено значајна и актуелна тема, особено заради фактот што Битола може да се пофали со одлични резултати во одредени периоди во оваа област. Поддршката останува голема и недвосмислена, Битола да остане на лидерското место во борбата за родова еднаквост и обезбедувањето на еднакви можности за жените и мажите. Ние можеме да се пофалиме со донесени родово – сензитивни програми за тековнава 2022 година. Сериозно и со целиот капацитет застануваме Битола да биде општина која континуирано ќе работи на подобрување на можностите, сообразени со индивидуалните потреби, особено во креирањето на еднаквите можности” – рече градоначланикот Коњановски.
UN WOMEN како тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените на Општина Битола ќе продолжи да и обезбедува техничка и експертска поддршка во насока на зајакнување на капацитетите на администрацијата и советниците за родово одговорно креирање политики и буџет.
„Како партнерски организации ние ќе им даваме поддршка, експертска и техничка, а партнерот ќе ги инкорпорира принципите на родова еднаквост во своите стратешки планови и буџети, ќе го инкорпорира начелото за еднакви можности на жените и мажите, ќе ги надгледува ефектите и влијанието кое нивните програми го имаат врз жените и мажите и ќе поднесува годишни извештаи за прогресот. Ние како организација пак ќе посредуваме во процесот на комуникација, ќе формираме меѓусекторска работна група за родова еднаквост, ќе развиваме последователни интервенции и родово специфични мерки, градење на капацитетите на советот и администрацијата и сл.“ рече Ивона Пауновиќ – Бишевац, национална координаторка на програмата за родово одговорно буџетирање.
Општина Битола е потписник на Меморандум за разбирање со UN WOMEN во рамките на проектот „Промоција на родово одговорни политики и буџети кон транспарентно, инклузивно и одговорно управување“ а тоа значи постигнување на одредени цели и тоа: воведување на родовата перспектива во локалните програми, нивно спроведување и следење преку примена на родово буџетирање како алатка, јакнеење на капацитетите на општинската администрација и општинските совети за исполнување на заложбите во согласност со ЗЕМЖМ, НСРЕ и НАПРЕ, унапредување на процесите за родово одговорно буџетирање и планирање на локално ниво, унапредување на собирањето на родово разделени податоци, подобрување на состојбата на жените и мажите на локално ниво, осигурување дека алатките за вклучување и консултација на граѓаните во процесите на одлучување на локално ниво ги земаат подеднакво предвид потребите на жените и мажите и размена на искуства на државно и регионално ниво и учење од добри практики за воведување на родово одговорно буџетирање, воспоставени во други земји.