ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ НАЈАВИ ПОДДРШКА ОД ЕДЕН МИЛИОН ДЕНАРИ ЗА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ НАЈАВИ ПОДДРШКА ОД ЕДЕН МИЛИОН ДЕНАРИ ЗА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес, организираше работна средба со членовите на Здруженијата на лица со ретки болести од Битола, со цел согледување на нивните потреби и проблемите со кои се соочуваат, како и овозможување на локална поддршка, додека се чека спроведување на повеќе решенија на национално ниво.

Имајќи предвид дека за најголемиот број приоритети на лицата со ретки болести надлежни се Владата и државните институции, лицата со ретки болести или членови на нивните семејства, со градоначалникот Коњановски, разговараа за создавање можности, потребната месечна терапија да ја подигнуваат од битолската клиничка болница, наместо секој месец да патуваат во Скопје. Како посебен проблем беше потенциран превозот, каде покрај финансиските трошоци, тешкотии претставуваат и архитектонските бариери, за лицата кај кои ретките болести предизвикале и физичка попреченост. Високата цена на ортопедските помагала е уште едно оптоварување за овие лица, кои очекуваат од државата, да се овозможат дополнителни поволности за набавка на помагала соодветни на потребите на лицата со попреченост.

Градоначалникот Коњановски, информираше дека, општина Битола, согласно својата надлежност, ќе продолжи да биде поддржувач за овие лица, како со конкретни мерки, така и со поддршка на нивните иницијативи испратени до Владата и надлежните министерства.

Коњановски најави дека, со ребалансот на буџетот, на седница на Советот на општина Битола, ќе побара да бидат издвоени еден милион денари за поддршка на лицата со ретки болести од Битола.

Во општина Битола, регистрирани се околу 30 лица со ретки болести, а општината преку Програмата за социјална заштита, во моментот овозможува финансиска помош за адаптација, изградба или поставување на инфраструктура за физичка пристапност за лица со попреченост во нивните домови.