ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ И ЖИТЕЛИТЕ НА ПОВЕЌЕ НАСЕЛЕНИ МЕСТА ИНИЦИРААТ РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ НА ПАТОТ БИТОЛА – ГРЧКА ГРАНИЦА

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ И ЖИТЕЛИТЕ НА ПОВЕЌЕ НАСЕЛЕНИ МЕСТА ИНИЦИРААТ РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ НА ПАТОТ БИТОЛА – ГРЧКА ГРАНИЦА

Патниот правец Битола – Меџитлија, продолжува да создава загриженост кај жителите од повеќе населени места, кои гравитираат кон поранешната општина Бистрица. Последните случувања, на сообраќајни незгоди, во кои животот го загубија млади луѓе, беше дополнителна причина, жителите на село Кравари, кои се најзасегнати од фреквентноста на регионалниот пат кој е во фаза на реконструкција, да започнат со собирање на потписи и изготвување на петиција за зголемување на безбедноста на населението. Градоначалникот Коњановски, денес иницираше средба со жителите од овие населени места, со цел воспоставување соработка со надлежните институции на централно ниво и спречување на дополнителни несакани последици:

„Средбата е иницирана од страна на општина Битола, после големите поплаки на жителите од јужниот дел на нашата општина. Изразувам искрено сочувство до семејствата на луѓето кои настрадаа на овој регионален пат кон Република Грција. Тука сме да донесеме заеднички ставови, да се слушнеме меѓу себе и да напоменам дека без апострофирање на поединци или префрлување вина од една на друга институција, Општина Битола е должна да ги сослуша своите граѓани и да ја покаже својата грижа за нив. Ова е доста фреквентен пат, на 15 километри е границата со Грција, таму се бројни стопански субјекти, се превезуваат многу луѓе, поради што, иако немаме директна надлежност, веќе наредната недела ќе иницираме средба со Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Јавното претпријатие за државни патишта, како и изведувачот и надзорот на реконструкцијата која е во тек, да се заврши постапката за изградба со комплетна сигнализација и секако останува апел до граѓаните за внимателно возење во овој дел на патот кој е навистина фреквентен, а поминува низ населено место. Овој пат и порано бил проблематичен, имало многу велосипедисти и пешаци, но сега е веќе тоа невозможно. Неопходно е сите заедно да поработиме на зголемување на безбедноста, затоа што конкретно во Кравари има училиште, детска градинка и неопходно е преземање на превентивни мерки, затоа што патот кој поминува низ населено место, всушност е влез од Грција“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Ивана Петровски, во име на жителите на Кравари, која ја иницираше постапката за потпишување на петиција за поголема безбедност во сообраќајот на населението во ова место, изрази благодарност до градоначалникот за покажаниот интерес за соработка во решавање на проблемот, иако истиот не е од локална надлежност. Петровски испрати апел до сите релевантни институции, да се преземат итни мерки, затоа што безбедноста на сите граѓани, а пред се на децата и повозрасните е загрижувачка.

„Пред се Апел, прво до МВР: 10 до 20 дена да се има патрола на возила што ќе ја следи брзината на возилата, а не само еден до два часа. Да се постави патната сигнализација, до училиштето да има знак дека има школо, да има пешачки премин, како и соодветна сигнализација кај градинката и амбулантата. Моментално патот во Кравари е застрашувачки, рече Петровски, нагласувајќи дека зголеменото присуство на полицијата, ќе ги намали опасностите.