По повод 130 години од работата на Гимназијата како воспитно – образовна институција, денес во Офицерскиот дом, беше прикажан документарен филм за работата на училиштето. Пред филмската проекција, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, кој ги поздрави присутните, потсетувајќи се на времето, кога и тој се школувал во ова училиште:
„Најголемата вредност за човештвото е неговото богато знаење, кое никогаш неможе да биде одземено. Човек, колку повеќе знае, толку повеќе може да планира, создава и реализира.
Во своето 130 годишно институционално постоење, нашето средно општинско училиште Гимназијата „Јосип Броз Тито“, како едно од најстарите, најреномираните и најквалитетните училишта во Македонија, докажа дека квалитетниот наставен кадар, кој низ годините работел во училиштето, образувал успешни генерации кои своето огромно знаење, продолжиле да го докажуваат низ големи достигнувања во медицината, архитектурата, градежништвото, инженерството, информатичката технологија, новинарството и многу други области.
Како некогашен ученик на Гимназијата „Јосип Броз Тито“, со гордост можам да потврдам дека, ова училиште отсекогаш негувајќи ги квалитетите, македонскиот јазик и култура, било и останало место за интелектуален и научен напредок. Тука се одржал првиот училишен час по македонски јазик во цела држава по завршувањето на Втората светска војна. Во гимназијата се образувале голем број академици, ректори на битолскиот и скопскиот универзитет, градоначалници, почесни конзули и многу други значајни личности во сите области од општественото живеење.
Она што особено ме радува како градоначалник е успехот на учениците, кои се речиси убедливо најдобри на сите натпревари по сите предмети во државата и надвор од неа, вклучувајќи го и спортот. Ја покажуваат својата хуманост вклучувајќи се во голем број активности, се залагаат за напредок во области кои што се надвор од наставните програми, ги развиваат своите таленти, учествуваат во меѓународни проекти. Верувам дека и во иднина нашата позната „Горна гимназија“ ќе биде симбол на квалитетно образование, а нејзините сегашни и идни ученици ќе ја испишуваат македонската историја“, рече градоначалникот Тони Коњановски во своето обраќање пред присутните.
Потсетувајќи на историските достигнувања, директорката Лидија Споа, посака, гимназијата „Јосип Броз Тито“, да продолжи да работи, градејќи континуиран напредок:
„Гимназијата како и секогаш, останува афирматор на севкупните позитивни промени на свеста што треба сите нас да ни укаже дека треба да се интегрираме на личен и колективен план.
Зад нас е година што од нас ги исцрпи најкреативните потенцијали што ги вложивме да ја направиме Гиманзијата уште поубаво место за интелектуален напредок на наставниците и на учениците.
За тоа зборуваат нашите резултати за освоените награди по сите предмети, поаѓајќи од опшитнските, регионалните, државните и меѓународните натпревари и олимпијади“, рече меѓудругото директорката Лидија Споа.
Како дел од настанот, учениците од прва до четврта година од Горната Гимназија, одржаа и предновогодишен концерт, под менторство на професорот Владко Симоновски, во рамките на кој беа изведени познати нумери од популарни бендови.