Со цел растоварување на сообраќајот во централното градско јадро, после констатираните оштетувања на Мостот кај Безистенот, покрај преземените активности за подготовка на документација за реконструкција на мостот, од денеска се воведува и времен режим на сообраќај.
Изработен е Основен сообраќаен проект за режимот на сообраќај за време на реконструкција на Мостот кај Безистен на ул. Булевар 1ви Мај во Битола.
Поставена е вертикална сигнализација и дел од хоризонталната сигнализација, која ќе биде завршена, веднаш штом се создадат соодветни временски услови за обележување на површината на асфалтот.
Проектираното сообраќајно решение за време на реконструкцијата на Мостот кај Безистен, е изработено, според потребите кои произлегоа од затвoрањето на мостот за пешачки и моторен сообраќај.
Улицата „11 Октомври“ (пред Црквата Свети Димитрија) ќе биде затворена за сообраќај.
На улицата „Кирил и Методиј“ која е еднонасочна од спој со ул. „Пеце Матичевски“ кон спој со ул. „Београдска“, со овој проект е предвидено сообраќајот да се одвива во две насоки.
На спојот на ул. „Булевар 1 Мај“ со улиците „Столарска“ и „Добривое Радосавлевиќ“ се предвидува престројување во три сообраќајни ленти соодветно по насоки на движење, каде ќе има и времено поставување на хоризонтална, вертикална и светлосна сигнализација.
Од улица Широк Сокак (Паркингот пред Градскиот Часовник) дозволено е лево свртување кон ул. Цар Самуил.
На Паркингот пред Градскиот Часовник предвидени се места за такси возила.
Измена има и кај пешачкиот сообраќај, што се регулира со соодветно поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација дополнета со сообраќајна опрема (пешачка ограда).
Општина Битола, апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат времено поставената сигнализација и опрема.