Во библиотеката на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“, денес беше отворена изложбата на познатиот македонски уметник, академик Васко Ташковски. Тој е еден од дваесетината академици, членови на Македонската академија на науките и уметностите, кој дел од своето основно образование го поминал во училниците на објектот на денешната Горна гимназија.
„Горната гимназија во Битола е средношколска институција каде за прв пат во слободна Македонија во 1945 година, започна да се одржува настава на литературен македонски јазик. Токму овде во овие училници, извесен дел од своето школување, во четириесетите години на минатиот век го реализира нашиот прославен ликовен уметник, академик Васко Ташковски.
Организирањето на оваа изложба, токму во просториите на неговата гимназија, во училишната библиотека, а по повод октомври – месецот на книгата, има голема симболика и значење за сите нас, за нашата речиси осумдецениска образовна традиција, за нас денес, а уште повеќе за нашите идни генерации ученици и наставници. Секако, овој гест, инициран од наша страна, веруваме, претставува и сатисфакција и признание од нас помладите за академик Васко Ташковски, за тоа што ги почитуваме врвните дострели на нашите исклучителни творци од нашето поднебје“, рече в.д директорката на Гимназијата, Лидија Споа.
Изложбата ја отвори, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој нагласи:
„Сега и тука, во овој храм на книгата во Училишната библиотека во Гимназијата „Јосип Броз Тито“, имаме особена можност да уживаме во дел од обемното графичко творештво на нашиот голем ликовен уметник Васко Ташковски. Овој наш уметник, родум од потпелистерското село Нижеполе, кој дел од своето школување го остварил во овие училници на Горната Гимназија, покрај со графички дела, ни се претставува и со неколку акварели, создавани во последниве децении“, нагласи градоначалникот Коњановски, на отворањето на изложбата.
Академик Васко Ташковски, неуморно твори и денес, во својата деветта деценија. Особено беше продуктивен и во последниов период, а дел од неговото творештво, минатата година предизвика огромен публицитет и интерес во Националната галерија во Даут Пашиниот амам во Скопје. Градоначалникот Коњановски, изрази верување дека оваа изложба од дваесетина графики и акварели ќе предизвика интерес кај публиката, посебно кај учениците од Горната гимназија.