ВО БИТОЛА СЕ РЕКОНСТРУИРААТ 9 УЛИЦИ, СЕ УРЕДУВААТ ПАРКОВИ – ОПШТИНАТА СЕ СПРАВУВА СО ВИСОКАТА ЦЕНА НА ЕЛЕКТРИЧНАТА ЕНЕРГИЈА И НАСЛЕДЕНИТЕ ПРОБЛЕМИ

ВО БИТОЛА СЕ РЕКОНСТРУИРААТ 9 УЛИЦИ, СЕ УРЕДУВААТ ПАРКОВИ – ОПШТИНАТА СЕ СПРАВУВА СО ВИСОКАТА ЦЕНА НА ЕЛЕКТРИЧНАТА ЕНЕРГИЈА И НАСЛЕДЕНИТЕ ПРОБЛЕМИ

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на денешната седница на Советот на општина Битола, информираше за проектите кои се реализираат во Битола, како и за начинот на кој општната ги решава наследените проблеми, но и мерките кои се преземаат со цел зголемената цена на електричната енергија да не остави последици врз реализацијата на проектите предвидени со општинските програми.

Обраќање на Градоначалникот Тони Коњановски на денешната седница на Совет:

Уште на самиот почеток на работењето, како градоначалник најавив и се заложив за транспарентно водење на локалната самоуправа, соработка со Вас советниците и постојано информирање на граѓаните за сите тековни и планирани проекти, но и за проблемите со кои се соочуваме и соодветните решенија кои предлагаме да се имплементираат.

За овој период, од скоро половина година, имајќи ги предвид сите проблеми кои ги наследивме, можам да констатирам дека сум задоволен од успешното менаџирање и решавањето на ситуациите.

За да биде сликата појасна, ќе потсетам дека во ек на зимската сезона, затекнавме 7 раскопани улици, незавршени градежни работи на стадионот „Петар Милошевски“, сериозен и многу години нетретиран проблем со Мостот кај Безистенот, нерешен проблем со електричната енергија и енергетска криза, јавни претпријатија со долгови, затвореност на општината за граѓаните и инвеститорите, културно информативен центар без стратешки цели за развој и кутурна промоција на градот, спортски клубови со наталожени проблеми, ненаплатени, меѓу кои и застарени побарувања за комунална такса за фирма.

Во една ваква состојба, се одлучивме за брзо и организирано делување, во кое започнатите проекти ќе бидат завршени и исплатени, додека, се работи проектна документација за нови инфраструктурни и други проекти и паралелно се решаваат проблемите кои финансиски веќе ја имаа оптоварено општината.

На крајот на 2021 година, завршивме 7 отпочнати улици во должина од 3,5 километри кои и ги исплативме, зошто реализацијата на проектите не подразбира само желба нешто да биде направено, туку и нивно завршување и исплата кон изведувачите. Со новата градежна сезона, градежните работи започнаа на 9 улици од предвидените 23 за оваа година, а постепено дел од активностите влегуваат и во завршна фаза. Завршена е улицата Солунска, а во тек се активностите на улиците „Македонска фаланга“, „Крушевска република“, „Цане Василев“, „Довлеџик“, „Струшка“ и „Сутјеска“, додека во руралните средини работиме на реконструкција на патот за село Дихово, како и на коловозот на главниот уличен крак во село Логоварди.

За да овозможиме успешна реализација на овој проект кој значи подобра инфраструктура во нашата општина како и за другите проекти од програмите на одделението за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, со денешните измени и дополнувања на Буџетот, дел од проектите од едногодишната програма се префрлуваат во развојната програма, што ќе овозможи реализација на средствата согласно потребната динамика за изведба.

Ваквите измени се прават и со цел повторно самостојно, за жал без поддршка од централната власт, да обезбедиме средства за општина Битола успешно да продолжи да работи во состојба кога државата се соочува со енергетска криза, а последица на тоа се и големите сметки за електрична енергија, кои сега се пет до шест пати повисоки, во споредба со овој период минатата година. Токму затоа со предложената измена на буџетот се врши дополнување на ставките за електрична енергија. Во контекст на решавање на овој проблем, во меѓувреме работиме и на алтернативно решение за електрична енергија во соработка со јавното претпријатие Жабени, што во корелација со периодот на имплементација, во овој момент, овозможува намалување на средствата во програмата за јавно осветлување и одржување во вредност од 20 милиони денари.

Како што неодамна беше запозната и јавноста, јавното претпријатие „Жабени“, од страна на претходното раководство е оставено во големи долгови кои десеткратно ја надминуваат затекнатата сума на сметката на претпријатието, а дополнителни оптоварувања за претпријатието се и судски решенија и тужби. За да се овозможи негова функционалност и работа на привлекување нови инвестиции, планираме субвенционирање на претпријатието во висина од 1 милион денари за сервисирање на затекнатите долгови за електрична енергија, тековни и судски трошоци.

Во делот на уредувањето и хигиената во градот, сакам да Ве информирам дека, општината го заврши уредувањето на две нови детски игралишта на улиците „Север-југ“ и „Смилевски конгрес“, а започнавме и со реализацијата на проектот за изградба на нов парк во Нова Битола и Студентски парк кај Факултетот за информатички и комуникациски технологии. Тековно, работиме на расчистување на што повеќе депонии и враќање на сликата на убава и чиста Битола, поради што и ќе учествуваме во акцијата „Генералка викенд“ на 6 и 7 мај и сакам да ве повикам сите присутни тука, заедно да се вклучиме во расчистувањето на што повеќе локации.

Покрај тоа, планираме дополнителни мерки за да може хигиената во градот непречено да се одржува и во летниот период. Со оваа измена на буџетот, во програмата за локален економски развој предвидуваме зголемување од 1 милион денари за проектот „Почиста Битола“, кој се реализира во соработка со ЈП Комуналец, со цел продолжување на ангажманот на лицата вклучени во проектот, за уште три месеци.

Реализацијата на проектот за изработка на нов ГУП е уште еден наш приоритет, за што паралелно работиме на обезбедување финансиска поддршка од други извори на финансирање. Така, преку проектот „Баир“ финансиран од Европските фондови, ќе бидат обезбедени дел од средствата за оваа намена, поради што предвидената ставка планираме да ја намалиме за 1.000.000 денари.

Исто така, од други фондови ќе бидат обезбедени и средствата за набавка на вендинг машини, поради што, предвидените 1.500.000 денари за оваа намена од програмата за животна средина, ќе бидат искористени во другите приоритетни области. Со ова, се овозможува комплетна реализација на програмата за животна средина, заштеда и наменска распределба на средствата. Ова е добро да го знаат сите граѓани, но и политичките партии кои можеби поради недоволна информираност, преку прес конференции ја дезинформираат јавноста.

За тешката финансиска состојба со спортските клубови, тековно ве информирав, согласно добиените наоди при извршените ревизии. Со цел да дадеме поддршка на развојот на спортот, неопходна е општинска поддршка на професионалниот спорт со дополнителни 20 милиони денари.

Морам да нагласам дека се врши промена кај уште еден проект кој зависи од централната власт, а е многу важен за нашата општина. Станува збор за проектот за гасификација, за кој до месец јуни од страна на Владата не се предвидени никакви активности.

Од нашите сознанија тогаш се очекува објавување на јавен повик за јавно приватно партнерство, а дури потоа општините ќе добијат насоки како и со колку средства треба да бидат вклучени во овој проект. Токму затоа, за да овозможиме што поголема реализација на буџетот со видливи проекти кои ќе донесат бенефит за граѓаните, во оваа фаза средствата кои досега беа предвидени за оваа намена за која реализацијата не зависи од општината, ќе бидат искористени во функција на конкретните проекти на кои веќе работиме.

Почитувани советници,

Со измените и дополнувањата на буџетот, кои денес се пред Вас, извршени се пренамени и во ставките на сметките за самофинансирачки активности и донации кај буџетските корисници. Со овие измени и дополнувања, буџетот се зголемува за 3.192.247 денари.

Овде морам да нагласам и дека, со завршувањето на анализата на податоците кои се однесуваат на наплатата на данок за време на мандатот на претходната локална самоуправа, констатирано е дека општината има ненаплатени вкупно 43.547.475 денари по основ на комунална такса за фирма, за што веќе преземаме конкретни мерки за намалување на штетата на општинскиот буџет.

Од претходно изнесеното можам да констатирам дека, со наведените измени и дополнувања на буџетот, континуитетот на проектите за кои одлучивме да ги продолжиме и подготовката на новите проекти, работиме на транспарентна реализација на програмите и општинскиот буџет, паралелно решавајќи ги новонаметнатите и наследените проблеми или ако ми дозволите да се изразам со речникот на поединци од одредена политичка партија: општиот хаос кој го затекнавме, континуирано настојуваме да го отстраниме, а состојбата видно да ја промениме на подобро.