ВО БИТОЛА СЕ ГРАДИ НАЈСОВРЕМЕНАТА ЛИЦЕНЦИРАНА КУГЛАНА ВО ЗЕМЈАВА

ВО БИТОЛА СЕ ГРАДИ НАЈСОВРЕМЕНАТА ЛИЦЕНЦИРАНА КУГЛАНА ВО ЗЕМЈАВА

На радост на голем број љубители на куглањето, во тек е целосна реконструкција на кугланата, сместена во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Изведувачот на градежните активности веќе работи во внатрешноста на уредувањето на соблекувалните и тоалетите, а предвидено е, по реконструкцијата, кугланата да има изглед по најсовремени европски стандарди.

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски го посетија објектот и разговараа за текот на градежните активности со изведувачите. Членовите на кугларскиот клуб „Пелистер“ и нивните тренери, ја посочија важноста од обновувањето на кугланата, затоа што интересот за овој спорт во градот постојано расте. Кугларките од КК „Пелистер“ се втори во државна лига, а поединечно, Битола има државен првак до 18 години, битолчанкатаТамара Талевска.

Агенцијата за млади и спорт ја финансира реконструкцијата на кугланата со над 14.000.000 денари, а директорот Дарко Каевски истакна дека иако рокот за нов изглед на кугланата е до април следната година, можно е истата да биде завршена и порано.

Кугланата во Битола ќе биде најновата лиценцирана куглана во Република Северна Македонија, покрај веќе постоечките две во Скопје.