ВО БИТОЛА ПРОМОВИРАНА РОМАКТЕД ПРОГРАМАТА

ВО БИТОЛА ПРОМОВИРАНА РОМАКТЕД ПРОГРАМАТА

Во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите, денес беше промовирана РОМАКТЕД програмата на Советот на Европа во која партнер е општина Битола, а се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија. На настанот присуствуваа претставници на Советот на општина Битола, припадници на ромската заедница, претставници на медиумите  и други заинтересирани страни. Програмата беше претставена од страна на Ферди Исмаили претставник од Ромската демократска развојна асоцијација „Сонце“ од Тетово која претставува национална организација за логистика на спроведување на програмата РОМАКТЕД (основна структура и принципи на работа). На тема „Партнерство за поголема социјална и економска интеграција“ Претседателот на Советот на општина Битола, Валентин Груевски зборуваше за важноста на програмата, заедничкото делување и партнерството на локалната самоуправа и припадниците на ромската заедница во унапредување на социјалниот и економски статус на Ромите и нивно вклучување во општествените текови и развој на градот Битола во целина. „Општина Битола е една од 12 те општини во Република Македонија, која се вклучува во овој проект. Градоначалничката веќе потпиша Меморандум за соработка во овој проект, кој ќе се реализира во наредните четири години. Она што сакаме да го постигнеме е ромите да бидат активни чинители во решавањето на нивните проблеми. Од досегашните разговори кои ги имавме важно е да се сфати дека она што се прави за ромската заедница, ќе биде нивно и заедничко на сите. Тогаш нема да ги имаме и оние инфраструктурни проблеми кои ги имавме, а ние ќе се вклучиме во решавањето на сите проблеми кои можеме да ги решиме и кои се под наша надлежност, изјави Валентин Груевски, Претседател на Советот на општина Битола. Партнерски организации во реализацијата на РОМАКТЕД програмата се и Здружението за развој на ромската заедница „СУМНАЛ“ и Здружението на граѓани „Баирска светлина“.