Сцената на Битолскиот народен театар, сцена на најизведуваниот Шекспир во Македонија, а и место каде што веќе по трет пат успешно функционира еден концепт на еден поинаков аспект и третман на Шекспировскиот театар, кој што прераснува во голема меѓународна акција, прифатен од театарските истомисленици и во Србија и во соседна Бугарија. Бит фест 2015 во својот оригинален концепт вклопува од силни индивидуални уметнички креации до реномирани фестивалски случувања, како третото интернационално издание на Битола Шекспир Фестивал (22 – 26 јули).
Утре (сцена БНТ, почеток 20:00 часот, среда, 22 јули, 2015), на БИТ ФЕСТ 2015 старт на третото интернационално издание БИТОЛА ШЕКСПИР ФЕСТИВАЛ, со премиера на Битолскиот народен театар, „Антоние и Клеопатра“, во режија на Џон Блондел. „Шекспир во 1606 г. ja напиша oваа голема трагедија како последна од низата четири неверојатни трагедии што ѝ претходеа: Отело, Крал Лир и Магбет. Многумина, како и јас лично – вели режисерот Џон Блондел, ја сметаат Антоние и Клеопатрa како најтешка драма, но истовремено и како највозвишено уметничко достигнување на Шекспир“. Според него „Антоние и Клеопатра“ги поместува границите на сцената до една критична точка, претставувајќи еден опсег на дејство и ситуации кои не можат да се споредат со ниту една друга драма, не само на Шекспир, туку воопшто и опишува неверојатно комплексни ликови – богато нијансирани и постојано контрадикторни. Антоние и Клеопатра го прикажува опојното влијание на моќта и копнежот, како и сеизмичките промени кои се појавуваат во поголемиот дел од цивилизираното општество кон залезот на последниот милениум пред новата ера. Па, и во поглед на вербалната поезија, таа претставува најголемиот дострел на Шекспир. Познатиот англиски академик и критичар Вилсон Најт ќе каже „кога станува збор за таква поезија, ние сме сѐ помалку свесни за сѐ останато освен за онаа турбулентна моќ, бранувањата и крешендата од длабочините надвор од границите на вербалната дефиниција и како што се развива, енергијата се насобира во еден колосален бран на страст, а темпото и жестината растат“. „Оваа изведба се обидува да ја скроти таа турбулентна енергија на драмата и да создаде бран на страст кој ќе се издигне, ќе се разбранува и плисне во публиката. Ми претставува огромно задоволство и чест да бидам режисер на првото поставување на оваа драма на македноски јазик, преку еден нов и моќен превод на неспоредливиот Драги Михајловски и на мое огромно воодушевување, да соработувам со извонредните уметници од Народниот театар Битола – со задоволство изјавува режисерот Џон Блондел.
„Големи луѓе, пресудни мисли, пресудни чинови, пресудни емоции.Свет на страсти и судбина.Свет во кој лесно и просто се губат животи, држави, се менуваат позиции, се напуштаат жените, мажите, љубовниците, се изневеруваат пријателите, се сака власт. Да, по извесно време , сето тоа ќе се изрелативизира, ќе стивне или едно ќе прејде во друго. Но во дното на срцето сепак ќе остане тоа чувство: Што е тоа што вистинско? Дали љубовта ја имаше моќта за промени? Антоние и Клеопатра на Џон Блондел е изведба на промени. Примамлив естетски концепт: во првата половина претставата е комедија, а вториот дел преминува во трагедија. Додека една сцена се претопува во друга, се доловува филмскиот ритам на претставата, како и нејзиниот надреален карактер – ликовите со промената на атмосферата се претвораат во некој друг – лик, сепак постепено приближувајќи се до сопствената пропаст. Крајниот резултат и глетка на сцената (кореографски, костимски, сценографски и музички) даваат силна драмска моќ. Да се чита Шекспир, да се режира, да се игра и да се гледа e животна философија “ – е оценката на драматургот Билјана Крајчевска.