БИТ ФЕСТ: ЧИТАЊЕ НА СОВРЕМЕНА МАКЕДОНСКА ПОЕЗИЈА

БИТ ФЕСТ: ЧИТАЊЕ НА СОВРЕМЕНА МАКЕДОНСКА ПОЕЗИЈА

Уште еден поетски настан на БИТ ФЕСТ. Низ поезијата на Ана Гагалевска присутните имаа можност да уживаат во современа македонска поезија. Книгата “Мириси” е збирка поезија, која прво беше создадена за да се исплаче душата на парче хартија, стана вистинско дело кое допре да неколку срца, кои беа доволно широки за да ја разберат, а доволно тесни за да им остане таму. „На самиот почеток во насловната песна, претставен низ свет полн антагонизам, од она што сакаме да сме и од она што воедно се плашиме да бидеме. И одеднаш ние не сме ништо, само стаклени кукли водени од стравовите и темнината на која се и предаваме, секое парче од душата, секој крик, сета радост и надеж. Полека навлегуваме во свет во кој болката царува, а тишината е нејзината десна рака. Бараме излез оттаму, ама излез нема од овој лавиринт наречен живот. Само времето не носи во кругови низ часовникот во кој маската си го згазнала лицето“, вели Гагалевска. Ана Гагалевска со својот поетски израз испишува сопствено место на пиедесталот на силните и речовити поети. Песните се преполни со движечка метафорика, имаат своја интерпретација, своја кохезија, цврстина. Некогаш се доволни сами на себе да се издигнат над потфатот, некогаш се само таен копнеж за голем запис на малото срце.