БИТ ФЕСТ: „ТЕАТАР ЉУБОВ МОЈА“ – ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА

БИТ ФЕСТ: „ТЕАТАР ЉУБОВ МОЈА“ – ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА

На нова сцена во НУ Народен театар Битола, актерите од Народен театар Јордан Хаџиконстантинов Џинот ја одиграа театарската претстава „Театар љубов моја“ во режија на Деан Дамјановски, работена според текст на Валери Петров. Се работи за македонска праизведба на истоимениот драмски текст од бугарскиот автор Валери Петров, напишан во 1981 година за бугарските актерки Тања Масалитинова и Славка Славова.  Во оваа постановка играат четири актерки од четири различни генерации – Зорица Панчиќ, Кица Ивковска, Кети Борисовска и Талија Настова. Многубројната публика со громогласен аплауз ја поздрави изведбата на претставата, која на еден професионален, енергичен и комичен начин ја отсликува реалноста, мигот – сега, времето – живот и залезот наречен сеќавање. Во квартетен формат, оваа комедија го отсликува животот на актерите зад кулисите, приватниот живот, нивните меѓусебни ривалства, нивните партнерства и сето она што се случува зад сцената, далеку од љубопитното око на гледачот во театарскиот салон. Иако концентрирана на театарскиот живот и животот на актерите, театарската претстава „Театар љубов моја“ е многу блиски до нашето секојдневие, до животот на секој човек, до човечката младешка амбициозност, посветеност и ангажираност, но и до очајот кој се наметнува од сопствената недоволна реализираност или возрасна ограниченост. Исклучителната актерска игра, значително ја раздвижи публиката, предизвикувајќи многу смеа и позитивни критики.