БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА СО СТРУЈА ЌЕ ЈА ЗАПОЧНАТ УЧЕБНАТА ГОДИНА

БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА СО СТРУЈА ЌЕ ЈА ЗАПОЧНАТ УЧЕБНАТА ГОДИНА

Неизвесноста околу проблемот со електричната енергија во 10-те битолските училишта со блокирани сметки е надмината. Училиштата добија струја, со заложба на Општина Битола, која во изминатите два месеци, откако беа исклучени од електричната мрежа, бараше законска можност да се реши овој проблем.

„Наследените долгови во училиштата од над 4.500.000 евра, предизвикаа многу проблеми во образовниот процес во Битола. Од големите долгови кои што ги имаат училиштата, а дел од нив се со блокирани сметки од 2012 година, само за електрична енергија долгот изнесуваше над 8.000.000 денари. Со заложба на Општина Битола, на која во пресрет и излегоа и дел од доверителите и накратко ги повлекоа своите барања, за да можат училиштата да ги одблокираат сметките, се изврши наплата на електричната енергија. Исто така, благодарејќи и на општествено одговорната компанија ЕВН, успеавме да најдеме разбирање и да го платиме поголемиот дел од долгот во училиштата со блокирани сметки, а за останатите средства договорена е заедничка динамика на исплата, со која ќе се регулира заостанатиот долг кон ЕВН. Околу санирањето на училиштата морам да нагласам дека негрижата за образовните институции во градот беше повеќе од евидентна. Онаму каде што ги започнавме реконструктивните зафати, при изведувањето се отвораа нови проблеми токму поради негрижата која години наназад ја немало за образованието. Тековно ќе следуваат и дополнителни актиновсти, а дел од бојата која што ја добивме од запленетата роба на Агенцијата за управување со одземен имот, насочена е во образовните институции, за да се помогне во подобрите услови за настава на учениците и досегашната негрижа да биде чекор по чекор санирана. Факт е дека ни претстои макотрпна работа за да ги санираме сите проблеми кои ги имаме затекнато во образовните институции во Општина Битола“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Учениците на почетокот од учебната година ќе преминуваат по обележани пешачки премини, на кои деновиве се врши боење, по спроведување на постапката за хоризонталната сигнализација во законскиот рок и избрана е соодветната фирма-извршител.

„До понеделник пешачките премини во училиштата ќе бидат завршени, за им да се овозможи на учениците да имаат побезбеден пристап до образовните институции. Понатаму, динамиката на изведба ќе продолжи и во централното градско подрачје на најфреквентните премини, како и на преостанатите делови во градот. И за оваа постапка мораше да се испочитува соодветната законска процедура“, посочи Петровска.