БИТОЛА ОДБЕЛЕЖУВА 76 ГОДИНИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

БИТОЛА ОДБЕЛЕЖУВА 76 ГОДИНИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, претставници од Советот на општината, како и делегација од Сојузот на борци, претставници од политичките партии и најмладите извидници од Битола, со положување на свежо цвеќе кај Споменикот на НОАВМ пред Центарот за култура, го започнаа денешното одбележување на 76 годишнината од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор, во Втората светска војна. Во чест на загинатите борци кои ги положија своите животи и ја извојуваа денешната слобода, беше интонирана македонската химна, од страна на Битолскиот дувачки оркестар под диригентската палка на Марјан Бакревски.

Градоначалничката Петровска, испрати искрена честитка до своите сограѓани:

„Почитувани сограѓани, првпат после ослободувањето на Битола, се наоѓаме во вакви, исклучително тешки околности. Меѓутоа и во оваа криза на пандемија, остануваме простум да оддадеме почит кон ослободителите на нашиот град, кон нашата гордост. Низ звуците на химната и маршевите покажуваме дека во нас има жар за опстанок, дека во нас има желба за творење и за продолжување на нивното дело. Дека во нас, има љубов кон Битола, прикажана преку новиот симбол, кој што се наоѓа кај нашата Саат кула. Се што направивме оваа измината година, токму за продолжување на делото на нашите ослободители, нашите граѓани ќе можат да го видат вечер во документарниот филм, претставен на каналот на ТЕРА ТВ. Во оваа прилика, сакам да им го честитам празникот 4 Ноември на нашите битолчани и воедно да си посакаме добро здравје, за да празнуваме вековито“, изјави Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

По повод овој историски значаен датум за Битола, свежо цвеќе беше положено и на Партизанските гробишта во градот.

Чествувањето на Денот на ослободувањето на Битола – 4 Ноември, продолжува со повеќе програмски активности во организација на Општина Битола.