БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ЗАШТИТНИКОТ НА ГРАДОТ „СВЕТИ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ“

БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ЗАШТИТНИКОТ НА ГРАДОТ „СВЕТИ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ“

Општина Битола, во соработка со Преспанско – пелагониската епархија, денес го одбележува Денот на заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“. Програмата започна синоќа со Концерт на Хорот „Стив Наумов“, во Офицерскиот дом, а денес продолжи со Литургија во Соборниот храм „Свети Великомачник Димитриј“. Од храмот, верниците продолжија со Литија низ битолските улици, движејќи се по улицата „Кирил и Методиј“, покрај Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ и низ Широк Сокак.

Денот на заштитникот на градот, Битола го одбележува од 2008 година. Свети Нектариј Битолски, бил роден во Битола во 20 те години на 15 век, со световно име Никола, а своето светителско достоинство го добил на Света Гора, во најголемиот христијански центар на Балканот.

Соочувајќи се со човечката завист, демонските напади и тешка телесна болест, тивко и достоинствено, се преселил во вечното царство Христово на 5 декември 1500 година.

Како што стои и во Тропарот за Свети Нектариј, Битола е градот кој го воспита овој светител, а во насока на изградба на интелектуално силни личности, на иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски, втора година по ред, по повод патронот на градот, општината ги наградува најуспешните и талентираните ученици од основните и средните училишта во општината.