Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, попладнево одржа состанок со дел од штабот за заштита и спасување, на кој се разговараше за моменталната состојба со вирусот КОВИД 19.
Имајќи го предвид, зголемувањето на бројот на новозаболени на ниво на држава, а со тоа и во Битола, од исклучителна важност е одговорното однесување на секој поединец.
Носењето на заштитна маска, физичката и социјалната дистанца и зголемената лична хигиена, се единствените мерки кои можат да придонесат за заштита на населението и спречување на зголемување на бројот на новозаразени со коронавирусот.
Во овие моменти, кога дополнително се појавуваат и настинки и сезонски грип, почитувањето на заштитните мерки е лична заштита на секој поединец, но и заштита на неговото семејство, неговите роднини, пријатели, колеги, соработници и целото општество. Повеќе од важно е, секој од нас, да се однесува свесно и совесно, зошто на тој начин ќе дадеме поддршка на здравствениот систем, но и ќе спречиме појава на сериозни, несакани и тешки последици.
Секое групирање во јавните објекти, непочитувањето на мерките за лична заштита и однесувањето, како да не постои сериозна закана за човештвото во светски размери, претставува лична неодговорност, со сериозни реперкусии.
Одговорното однесување ќе помогне полесно да ја надминеме сериозната закана од КОВИД 19, со цел здрави и со своите блиски, во иднина да се радуваме на заеднички средби и прослави. Затоа, повеќе од потребна ни е одговорност кон себе и другите.
Носете заштитна маска, не излегувајте непотребно, не се групирајте, одржувајте лична хигиена, апелираат од кризниот штаб.
Штабот за заштита и спасување во Општина Битола, продолжува со спроведување на сите потребни координативни мерки за заштита на населението и поддршка на здравствените работници во нивната одговорна и тешка работа во ова време на пандемија. Но, заштитните мерки и почитувањето на препораките, остануваат најважни во заедничкото дејствување против КОВИД 19.