АМБАСАДОРОТ НА РУСИЈА ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА БИТОЛА

АМБАСАДОРОТ НА РУСИЈА ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА БИТОЛА

Амбасадорот на Русија, Олег Шчербак, денес оствари средба со градоначалникот на Битола, м-р Наташа Петровска. На средбата се разговараше за билатералната соработка помеѓу двете земји, со посебен акцент на соработката помеѓу Русија и Битола.

„На мое задоволство денес мој гостин беше амбасадорот на Русија. Она што би сакала во оваа прилика да го нагласам, е тоа што Битола, како конзулски град е поврзана точно со Русија, затоа што, првото дипломатско претставништво ни доаѓа токму од Русија. Зборувавме за тоа, со кои предизвици се соочува нашиот град, кои се перспективите и можностите за идна соработка и поддршка од страна на Русија“, изјави градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Амбасадорот Шчербак, нагласи дека Русија е подготвена во понатамошниот период соработката помеѓу двете држави да се развива на сите нивоа: културна, туристича, инвестициска и секаков друг вид соработка, за која е подготвена Македонија.

„За нас – Русите, Битола е многу важно место затоа што, токму од Битола, во 1860 година, беше основано руското дипломатско претставништво, почна руската дипломатија на Балканот. За нас Битола е многу важна, бидејќи во Првата светска војна, илјадници руски војници ги дадоа своите животи, тука во битолско. Важна е како место каде што беа дојдени илјадници руски доселеници кои што беа принудени да ја напуштат својата татковина по Револуцијата во 1917 година и дочекаа многу топол прием од македонскиот народ. Русите секогаш одговараат со добро на добро. Оние луѓе кои беа дојдени тука во Битола со својот труд и вредна работа се заблагодарија за приемот. Руските инжинери, наставници, професори, лекари, многу придонесоа за развојот на Битола во 20-те и 30 те години на XX век“, изјави амбасадорот на Русија во Македонија, Олег Шчербак.

Во Меѓународниот Славјански Универзитет „Державин“, вечерва во 19 часот, ќе биде отворена изложба посветена на придонесот на руските доселеници на развојот на Македонија. Амбасадорот Шчербак ги покани сите битолчани да ја посетат изложбата.