Иницијативата „И руралните жени можат” започна со трибина по повод 8 Март, насловена „Жените – креатори и носители на политики”. Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска беше гостин на трибината заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и пратеничката во Собранието на Р С. Македонија Бисера Костадиновска Стојчевска. Тие говореа за значењето на 8 Март, постојаната борба за еднаквост и рамноправност како и препреките со кои многу жени се соочуваат, дури и во денешно време.
„Секое време има свое бреме. Никогаш не е доволно и никогаш не сте направиле доволно се додека се зборува за родова еднаквост. На сите жени им посакувам непоколебливост во нивната, односно нашата понатамошна битка за вистинска рамноправност“, рече Петровска.
„Битола е една од ретките општини што има градоначалничка и една од општините што покажа дека знае да даде шанса, можност, сила, енергија и одговорност и на една жена. Пред повеќе од 100 години 8-ми Март бил симбол на борбата за еднаквост во смисла на нашето право за глас. Пред 50 години, кога се зборувало на овие теми, битката била да се добие шанса за иста работа, да се добие шанса за подобро образование, да се добие шанса да се биде сметан за еднаков на работните места. Многу работи се променија и многу борби се добиени, но сеуште зборуваме за планини кои треба да ги искачиме, сеуште зборуваме за проблеми со кои што се соочуваат жените, а со кои мажите немора да се занимаваат. Затоа на денот на жената, да се потсетиме на тоа што го сработиле тие пред нас, но и да се потсетиме и дека ние треба да придонесеме. Нашиот придонес денеска е да помогнеме на оние жени кои отанале сами, на оние жени кои што се во потешка ситуација, на оние девојки што немаат поеднакви права за образование и работа, и да им помогнеме да ги совладаат и системските слабости кои што општеството пред нив ги поставува“, посочи министерката Шеќеринска.
Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска истакна:
„Го креваме гласот за жените кои од различни причини не успеале да го кренат својот глас. Ние жените можеме многу повеќе и многу подобро да сработиме од мажите и да придонесуваме за еднакво општество за сите. Ние ќе продолжиме да се залагаме во борбата против секакво насилство без разлика дали е физичко или ментално“.
Трибината продолжи со разговор и на присутните, кои заеднички истакнаа дека мора да се продолжи со создавање услови, жените да се таму каде што се носат одлуките.