Градоначалничката Наташа Петровска и денес на терен го продолжи увидот во реконструктивните зафати во битолските градинки, со цел да се видат реализираните проекти и активности, за кои се издвоени средства од буџетот на Општина Битола, но и за тоа како градинките ги трошат сопствените пари.
Директорката на ЈОУДГ „Мајски цвет“ Снежана Тодоровска информираше дека во изминатите неколку месеци извршени се голем број реконструктивни зафати во износ од 5.230.500 денари, од кои 2.910.500 денари се средства од Општина Битола, а биле наменети за набавка на мебел, реконструкција на санитарни чворови и набавка на паравани.
Во градинките „Мајски цвет“ и „Коца Василева“, комплетно се опремени 17 занимални со мебел, односно со големи плакари, регали и мали шкафчиња за опрема на децата. Во сите занимални променети се старите со нови 50 теписи.
Извршена е реконструкција и реновирање на десет санитарни чворови, кои опфаќаат одвод, водоводни цевки, моно-блок тоалети соодветни на возраста на децата, мијалничиња, нови чешми, паравани и плочки. Надминати се наследените проблеми со рѓа, влага, искршени тоалети, казанчиња и санитарија.
Во градинката „Мајски цвет“ променети се двете професионални машини за перење, бидејќи старите не се повеќе во функција. Купени се два нови професионални фрижидери од 750 литри, машина за лупење, универзална машина за кујна и 10 нови колички за носење на храната, со цел да се запазат сите ХАСАП и безбедносни стандарди во исхраната.
Во останатите пет објекти кои работат во состав на детските градинки „Мајски цвет“, односно во градинките „Славејче“, „Кокиче“, „Качунка“, „Пеперутка“ и „Ѕвездички“, променети се моно-блок тоалетите.
За транспорт на храна до објектите и за сопствени потреби, набавено е ново комбинирано товарно возило.
Најсреќни и најзадоволни од сите реконструктивни зафати се децата, особено со тоалетите, новата дограма и теписите. „Учителке, мириса на чисто“, беше реакцијата на едно од децата, по враќањето во градинка од зимскиот распуст.
пред
потоа