ПРОБНА ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА НА УЛИЦАТА „ВАСКО КАРАНГЕЛЕВСКИ“

ПРОБНА ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА НА УЛИЦАТА „ВАСКО КАРАНГЕЛЕВСКИ“

Во рамките на Европската недела на мобилност, денес на улицата „Васко Карангелевски“ како еднодневна активност беше промовирана велосипедска лента на коловоз. На овој начин, промотивно беше претставена велосипедска патека на широка улица во градот, која во иднина треба да биде и реалност за битолчани.

„Денешната активност треба да биде согледување на тоа дали улицата Васко Карангелевски може да има друг сообраќаен режим, каде што повеќе простор ќе им биде отстапен и на велосипедистите. Во оваа прилика им се заблагодарума на сите инволвирани во овие активности, меѓу кои и на Советот на Општина Битола кој го изгласа Планот, но и на ГИЗ и ЗЕЛС, затоа што ја дадоа финансиската поддршка за овие активности. Станува збор за тоа како конечно во Битола би можеле да го решиме сообраќајниот хаос. Светските трендови налагаат зголемување на просторот на велосипедистите, а намалување на возилата“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Денешната активност на пробна велосипедска патека е еден вид на проба како треба да изгледа патеката во иднина на оваа улица. На терен, во присуство на претставници од СВР Битола, денешната промо велосипедска патека треба да донесе одредени сознанија како да се реализира оваа активност и како да се промени целокупниот сообраќаен режим на улицата „Васко Карангелевски“.

Општина Битола работи на полето на еднаков третман на сите учесници во сообраќајот, затоа што улиците не се наменети само за возилата.