ПОСЕБНА ПОЧИТ ОД ОПШТИНА БИТОЛА ЗА ЗЛАТКО НЕДЕЛКОВСКИ

ПОСЕБНА ПОЧИТ ОД ОПШТИНА БИТОЛА ЗА ЗЛАТКО НЕДЕЛКОВСКИ

Опшина Битола му оддаде почит на големиот мајстор во боречки вештини, Златко Неделковски, кој со својот клуб „За-нет-до“ остави неизбришлива трага во спортот во Битола, но и во целата земја.

„Со огромна почит за учителот Златко Неделковски. Роден во Битола, живееше во Битола и ја промовираше Битола“, се само дел од зборовите кои го карактеризираат ликот и делот на Златко Неделковски.

Ученици од Академијата за боречки вештини „За-нет-до“, на само за нив својствен начин, преку нивниот единствен чин на поздравување, му оддадоа почит на нивниот мајстор и учител, во дворот на општината, со што на градоначалничката Петровска и пренесоа дека неговото дело, неговиот единствен начин на тренирање и понатаму останува нивна движечка сила за нови успеси.

Градоначалничката Наташа Петровска оствари средба со семејството на починатиот Неделковски, изразувајќи им поддршка од страна на општината, која ќе продолжи да ја поткрепува оваа академија. Академијата, покрај врвни спортисти, кои се враќаа со медали од натпреварите, успеа да создаде и силни личности, посочи Петровска. На средбата присуствуваа и претседателот на Советот Валентин Груевски и членот на комисијата за спорт Борче Корлевски.

Членовите на семејството и се заблагодарија на градоначалничката Петровска на оддадената почит кон Златко Неделковски, бидејќи токму на празникот на градот 4 Ноември,  таа оствари средба со нив. Тие нагласија дека во чест на големиот мајстор на боречките спортови, Академијата „За-нет-до“ од понеделник ќе го носи името Академија за боречки спортови „Златко Неделковски“.