ПОКВАЛИТЕТНА БОЈА ЗА ПЕШАЧКИТЕ ПРЕМИНИ ВО БИТОЛА

ПОКВАЛИТЕТНА БОЈА ЗА ПЕШАЧКИТЕ ПРЕМИНИ ВО БИТОЛА

Евидентна е невидливоста на хоризонталната сигнализација во градот, но не смее тоа да се поврзува со негрижа на локалната самоуправа и да се прави ситен популизам, истакна градоначалничката Наташа Петровска, во однос на необележаните пешачки премини во Битола.

„Не е негрижа ако како градоначалник побарав, тогаш кога се објавуваше јавен повик за обележување на хоризонтална сигнализација, да се нагласи дека треба да се води сметка за квалитетот на бојата, за  да не се најдеме во ситуација веќе обележаните пешачки премини брзо да ни се избришат. Тоа ни се случуваше во Општина Битола и реагиравме сите како граѓани. Сега, како локална самоуправа, настојуваме дека мора да се побара квалитетна боја која што ќе овозможи да не се бришат пешачките премини во краток период. Таков повик објавивме уште во месец април, но поради новите критериуми, немаше ниту еден пријавен, односно понудувач на тендерот. Потоа веднаш се спроведе втора постапка која што е во завршна фаза, избран е понудувачот, но тече жалбена постапка од друг понудувач. По одлуката, ќе се спроведува обележувањето на хоризонталната сигнализација. Тоа е состојбата со грижата, односно негрижата, која што некој сака да ја наметне во изминатиот период во Битола“, посочи градоначалничката Петровска.

Иницијативите на граѓаните за решавање на проблемите во градот се секогаш добредојдени, рече Петровска, но нагласи дека тие треба да се спроведуваат во законски рамки и со соодветна правилна намена.

Во меѓувреме, на терен увид изврши општински инспектор за патишта и претставник од комуналното одделение, по што се изготви записник, во кој е констатирано неовластено одбележување на хоризонталната сигнализација кај основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола.