Ученикот Даниел Зхоу Главевски од гимназијата „Јосип Броз Тито“, ќе биде единствениот претставник од општина Битола, кој ќе учествува на Светските школски летни игри, кои ќе се одржат од 14 до 22 Мај во Нормандија, Франција.
Претставници од гимназијата „Јосип Броз Тито“, заедно со ученикот, на средбата со градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочија дека со досегашните постигнати резултати на Даниел, за прв пат училиштето има можност да учествува на еден ваков натпревар од светски ранг.
Градоначалникот Коњановски им посака голем успех на престојните Светските школски летни игри и истакна дека Општина Битола преку „Програмата за активности во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2022 година“ ќе го поддржи битолскиот средношколец и неговиот ментор со финансиски средства за нивното патување.
Светските школски летни игри се организираат секоја втора година и вклучуваат воспоставена рамнотежа помеѓу спортот и едукацијата, со цел да се зголеми свеста за улогата на спортот во воспоставувањето на фер игра, здрав начин на живот, почит и заедништво.