ОД СРЦЕТО НА СТАРАТА БИТОЛСКА ЧАРШИЈА ЗАПОЧНА ПРОГРАМАТА НА „ЗИМСКА ПРИКАЗНА“

ОД СРЦЕТО НА СТАРАТА БИТОЛСКА ЧАРШИЈА ЗАПОЧНА ПРОГРАМАТА НА „ЗИМСКА ПРИКАЗНА“

Со старото градско битолско оро „Пештреф“ низ играта на младите девојки од КУД „Илинден“, облечени во староградска носија, во духот на културата и традицијата, денес од срцето на Старата чаршија започна деветдневната програма на битолската „Зимска приказна“. Помеѓу битолските дуќанџии, занаетчии, негувачи и промотори на значајните историски обележја на градот, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ги најави програмските содржини кои годинава ќе се реализираат на две локации: во Старата битолска чаршија и Платото на Офицерскиот дом.

Како дел од програмските содржини, градоначалникот Коњановски, заедно со децата од детската градинка „Мајски цвет“ и ракотворците од ЗУР Македонски ракотворби, беше дел од настанот „Заедно да ја накитиме елката“, со што чаршиската елка, се повеќе блеснува во посебен сјај, кој што доликува на просторот во кој се наоѓа.

Денешната раздвиженост на битолската чаршија и присуството на многубројната публика, потврдуваат дека, битолската Стара чаршија, почнува да раскажува една нова приказна, која во себе ги обединува спецификите на минатото, вклопени во потребите на времето во кое живееме.

Во овој контекст, градоначалникот Коњановски, најави дека во соработка со приватниот сектор, воспитно – образовните институции, домашните уметници, изведувачи и претставници на невладиниот сектор, општината продолжува да дејствува во насока на содржинско збогатување и културно туристичка промоција на Битола.

„Трета година по ред, Општина Битола заедно со своите соработници ја организира предновогодишната програма насловена „Зимска приказна“. Годинава имаме дисперзирање на програмските содржини на две локации, а овие девет денови ќе бидат исполнети со програма за сите генерации. За најмладите ги вклучуваме детските градинки, училиштата, организиравме дружење со Дизни маскоти, музички точки од детските фестивали, детски театарски претстави и Возот Мечо како дополнителна атракција за децата. Во музичкиот дел фокусирани сме во најголем дел на наши домашни изведувачи при што ќе проследиме настап на повеќе битолски музички групи, меѓу кои Фонтана, Боеми, Деспина и многу други, ги имаме „Паркети“, „КОД 369“ Виктор Апостоловски, Ламбе Алабаковски, имаме гостување на „Влатко и оркестар Златко Миладиноски“, Миле Кузмановски… Го имаме Камерниот оркестар на Битола со нивниот најнов проект Jingle bell symphony – Sarah Mace & the Christmas Girls, а новата година ќе ја дочекаме со култните Чоканче, Битолскиот дувачки оркестар и стендап комедија со Марјан Георгиевски“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Целодневната програма на „Зимска приказна“, ќе трае до Дочекот на Новата година, а програмскиот концепт ќе биде заокружен со настанот „Први на први“ и полноќното искачување на битолските планинари на Пелистер, во организација на ЗПСК „Олимпус Монс“.