Традиционално и оваа година, Руската амбасада во Република Северна Македонија, по повод професионалниот празник на руските дипломати „Денот на руската дипломатија“ во Битола организираше настан пред споменикот „Руски крст“, подигнат во Градскиот парк, во чест на рускиот императорски конзул Александар Ростковски, кој е убиен во Битола во 1903 година, кога ја исполнувал својата дипломатска должност во нашата држава.
На свеченоста во Битола, амбасадорот Сергеј Баздникин потсети дека соработката со македонските партнери како досега, така и понатаму ќе се гради врз принципот на вистинска еднаквост, меѓусебно почитување и водење сметка на взаемните интереси.
Цвеќе пред споменикот Руски крст во Битола положија градоначалничката Наташа Петровска и претставници на Советот на Општина Битола, претставници на дипломатскиот кор од градот и државата, претставници на национални и локални институции, како и здруженија на граѓани од пелагонискиот регион.
Дел од програмата по повод Денот на руската дипломатија е и отворањето на изложбата „100 раритети на руската државност“.