„Народниот правобранител и локалната власт: Подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“,беше темата на јавниот настан кој се одржа во салата на Советот на Општина Битола, а на кој говореа Народниот правобранител Иџет Мемети, градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска и Лилјана Илиевска, од Регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Битола.Главниот фокус на оваа дискусија беше улогата на Народниот правобранител како клучна институција во заштита на правата на граѓаните, како и начините за подобрување на соработката на локалните власти, државните и јавните институци на локално ниво, со Народниот правобранител.
„На мое задоволство ја имавме оваа средба со Народниот правобранител и претставници од општинската администрација, јавните претпријатија, претставници од училиштата, советници и граѓани, со што се воспостави дијалог во функција на граѓаните и создавање на еден коректив кој што може да го направи Народниот правобранител за генерално подобрување на тоа како функционираат институциите во нашата држава, затоа што тие реално постојат за водење на добри јавни политики и да бидат во функција на граѓаните. Се надевам дека оваа средба е само почеток на мотивирање за подобрување на состојбите во оваа насока“, рече градоначалничката Петровска.
Народниот правобранител Иџет Мемети го оцени овој јавен настан како многу успешен, затоа што, како што истакна, мора да се разговара, дискутира и што почесто да се реализираат средби од отворен вид и за институциите и за граѓаните.
„Институцијата Народен правобранител постои веќе 20 години, а мал дел од граѓаните знаат која е нејзината вистинска функција. Од околу 4000 претставки на годишно ниво, само по околу 1000-1200 од нив може да постапува Народниот правобранител. Во последните две години забележлива е зголемената соработка на централната и локалната власт со Народниот правобранител, иако има уште простор за подобрување на взаемната соработка“, посочи Народниот правобранител Иџет Мемети.
Во изминатата 2018 година, во Регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Битола, која постапува на територијата на југозападна Македонија и покрива 15 општини, поднесени се 367 претставки од граѓани.
„Во 2018 година во подрачната канцеларија најголем број претставки се поднесени во однос на правосудството, но карактеристично е тоа што како втора област со најбројни претставки се работните односи кои речиси сите се однесуваа кон општинските администрации. Трета област по број на претставки се од областа на градежните работи и урбанизмот“, истакна Илиевска, од подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Битола.
Организатори на јавниот настан беа НВО Инфоцентарот, Народниот правобранител и Општина Битола , а истиот се реализира како дел од проектот „Граѓанскo набљудување на Народниот правобранител“, спроведуван од НВО Инфоцентар, а поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија.