Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со својот тим беше во работна посета на Битола, при што го посети реконструираниот објект на СВР Битола, а потоа оствари средба со градоначалничката Наташа Петровска. Во кабинетот на градоначалникот, беше остварена средба и со претставници од СВР Битола, Советот на Општина Битола и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Министерот изрази задоволство од напредокот на работата на СВР Битола и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот, а ја поздрави донесената одлука за форморање на Советот за превенција.
„Задоволство е што денес Советот на Општина Битола донесе одлука за формирање на локален совет за превенција. Тоа е нешто што е многу важно, потребно, да делува заедно и тоа меѓуресорски, не само МВР и локалната заедница, туку се вклучува и невладиниот сектор, образовните институции, социјалните институции, верските заедници. Треба да отвораат теми кои што се од исклучителна важност за добрите односи во општината и за промоција на нови вредности кои што ќе го подобрат начинот на однесувањето на граѓаните“, истакна министерот Спасовски.
Градоначалничката Наташа Петровска ја потенцираше синхронизираната соработка со МВР преку Општинскиот совет за безбедноснт на сообраќајот на патиштата, Советот за превенција за детско престапништво и други начини за сообраќајна безбедност и превенција во градот.
„Ги дефиниравме и следните активности во интерес на обезбедувањето на поголема безбедност на граѓаните, која што е една од главните задачи на локалната самоуправа и на МВР. Дефиниравме конкретни чекори кои што треба да се изведат во следниот период и кои што ќе се однесуваат на продлабочување на соработката и во периодот кој што следува“, рече градоначалничката Петровска.
Министерот и градоначалничката, во соработка со СВР Битола најавија изготвување на заеднички проект за обезбедување на градот преку видео надзор. Со проектот треба да биде изработено мапирање за поставување на камери за видео надзор на клучни места во градот, со што ќе се подобри комплетната безбедносна состојба.