ЗАПОЧНА УЧЕБНАТА ГОДИНА ЗА СТУДЕНТИТЕ, ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС НА ФИКТ

ЗАПОЧНА УЧЕБНАТА ГОДИНА ЗА СТУДЕНТИТЕ, ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС НА ФИКТ

На Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), денес се одржа првиот академски час за новата генерација студенти 2023/2024 година.

156 нови студенти ќе бидат дел од првиот циклус на академски студии на оваа високообразовна установа, која е единствената образовна и научно-истражувачка институција од областа на информатичките науки и комуникациското инженерство во рамките на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

На посебната свеченост присуствуваа градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, ректорот на УКЛО проф. д-р Игор Неделковски, деканот на факултетот д-р Благој Ристевки, голем број професори и бруцошите кои од денес ги започнуваат наставните активности.

Градоначалникот Тони Коњановски на студентите им посака успешно студентско образование, посочувајќи дека ова е еден од најубавите периоди во животот, во кој младите се надградуваат во своето образование, истовремено надоградувајќи го личниот и културниот интегритет и интелектуалниот и моралниот капацитет.

Пред студентите се обрати и ректорот проф. д-р Игор Неделковски, кој посочи дека угледот на УКЛО е високо на скалата на изборот на студентите, што ја покажува и големата бројка на запишани во оваа високо образовна институција, а студентите на УКЛО се основата за развој на иднината на Битола.

Градоначалникот уште еднаш истакна дека веќе воспоставената соработка со УКЛО резултираше и со трите групи практиканти, кои во летните месеци посетуваа пракса во општината и битолските јавни претпријатија.