ДЕН НА ЕВРОПСКА СОРАБОТКА ВО БИТОЛА

ДЕН НА ЕВРОПСКА СОРАБОТКА ВО БИТОЛА

На плоштадот „Гоце Делчев“ во Битола се одржа промотивен настан посветен на програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Грција, „Ден на европска соработка 2019“, под мотото „Европа-тоа си ти“, во организација на Министерството за локална самоуправа, Делегацијата на Европската Унија и Општина Битола.

Градоначалничката Наташа Петровска посочи дека соработката Помеѓу соседите е многу значајна во меѓусебното функционирање и таа е потебно и понатаму да се продлабочува.

„Општина Битола во овој период работи на три значајни проекти за градот кои овозможуваат и обезбедуваат подобри услови за граѓаните. Преку проектот „Бенефит“ ќе се обезбеди подобра енергетска ефикасност на спортската сала „Боро Чурлевски“, проектот „Интегриран систем за зелен транспорт“  треба да овозможи набавка на возила на електричен погон, а тука е и проектот Cineculture,  за зголемување на туристичката атракција на градот. Овие проекти се реализираат благодарение на поддршката од ЕУ“, истакна Петровска.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски рече дека ЕУ до 2020 година ќе обезбеди 45,5 милиони евра за финансирање на различни проекти во регионот.

„Со реализираните проекти реновирани и опремени се здравствени институции, поставени се енергетски ефикасни фасади на јавни институции, реновирани се училишта, подобрена е заштитата и опремени се тимови за заштита од елементарни непогоди, а финансирани се еколошки и проекти од областа на туризмот“, рече Милевски.

Претставникот на делегацијата на ЕУ во Скопје Френк Јанмат го издвои проектот граничен премин „Маркова Нога“, како уште еден чекор во заедничките напори на продлабочување на односите на двете земји.

„Двете држави работат заедно и за обостран бенефит. Граничниот премин „Маркова Нога“ е во изградба, се реализираат и други проекти, а по 2020 година ЕУ ќе обезбеди нова финансиска поддршка која ќе биде во функција на пограничната соработка“, истакна Јанмат.

Денот на соработката се одбележува во 30 држави во рамки на 50 ИПА програми за територијална соработка.