ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ТОМАС ГЕРБЕРИХ ВО ПОСЕТА НА БИТОЛА

ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ТОМАС ГЕРБЕРИХ ВО ПОСЕТА НА БИТОЛА

Германскиот амбасадор Томас Герберих денес престојуваше во Битола, при што со градоначалничката Наташа Петровска ги посетија Германските гробишта, а потоа одржаа работна средба во нејзиниот кабинет. Во фокусот на интерес на амбасадорот се најдоа бројни теми од општествениот и економскиот живот во градот под Пелистер.

„За нас како општина е важно што ја имаме поддршката за взаемна соработка со Германија, што ја искажа и амбасадорот на оваа земја Томас Герберих. Инвестициите на германските компании во градот, соработката која што се одвива на ниво на високо образовниот процес и се поголемиот интерес за изучување на јазикот, но и за вложување на нови компании, беа дел од темите на разговор. Особен интерес амбасадорот покажа и за Германските гробишта, масовна гробница на загинатите војници од првата светска војна, каде што е предвидено да се одржи манифестација по повод 11 ноември“, рече градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска.

Амбасадорот Томас Герберих потенцираше дека од неговиот мандат во Македонија, ова е трета работна посета на Битола, град често посетен од бројни германски гости и уште еднаш потенцираше колку се добри врските помеѓу Македонија и Германија.

„За нас е многу важно што во Битола ги имаме Германските гробишта. Секогаш кога го одбележуваме 11 ноември, денот на сеќавањето на загинатите од Првата светска војна, тогаш сакаме да испратиме и знак на помирување. Оваа година се одбележуваат 100 години од завршувањето на Првата светска војна и едноставно сакаме да покажеме со тој процес на помирување кој што веќе се случи со Франција, како од смртни непријатели станавме пријатели. Ако тоа беше можно меѓу нас и Франција, тогаш тој процес е можен и овде, на Балканот“, рече германскиот амбасадор Томас Герберих.

Амбасадорот упати пофални зборови и до работата на германско-македонското друштво за соработка, кое повеќе од 25 години ги афирмира вредностите на оваа земја, предводено од Валентина Илиева.